20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст на минималецот – најниската плата ќе изнесува 14.500 денари!

Раст на минималецот – најниската плата ќе изнесува 14.500 денари!

14.500 денари. Ова е новиот износ на минималната плата кој ќе мора да се исплаќа од декември годинава. Зголемувањето е за околу 2.000 денари.

„Имаме договор кој носи одлука за зголемување на минималната плата… Пред точно две години минималната ја покачивме за 2.500 денари и денес таа изнесува 12.507 денари и сега ќе порасне за дополнителни 2 илјади денари… Во 2017-та за прв пат се изедначи минималната плата и за кожарските и текстилните дејности со тоа исправивме една голема социјална неправда, трудот на секој работник и работничка да биде препознаен… 90 илјади граѓани добиваат покачување“, изјави премиерот Зоран Заев.

Многу мал дел од компаниите аплицираат за субвенционирање на минималната плата, велат надлежните. Тоа, според нив, значи дека домашните фирми се во добра финансиска состојба.

„Заедничка цел имаме сите кои седиме овде, Владата, коморите, синдикатите а тоа е да ја придвижиме државата напред економски, да ја подобриме конкурентноста и продуктивноста“, вели вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Сепак, зголемените плати при иста продуктивност ќе ја нарушат конкурентноста на компаниите. Ова особено важи за текстилниот и кожарскиот сектор каде и сега примањата се меѓу најниските.

„Најголем притисок ќе имаат оние од трудоинтензивните дејности. Целата е да се покачат платите и на подобрите работници за да нема урамниловка… Мислам дека пазарот ќе го регулира тоа и работниците од помалите конфекции кои евентуално би биле затворени кои не работат директно со клиентите туку втора или трета рака би преминале во дел од поголемите конфекции“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Надлежните велат дека не очекуваат преизразено негативно влијание односно затворање на компании поради покачениот минималец.

„Ние како држава не се мешаме во внатрешната пресметка на компаниите… Минималната плата е заштита за работниците… Не е тоа нешто со кое им правиме притисок на компаниите, напротив ние се обидуваме да им помогнеме на тие компании. Преку субвенционирање на дел од придонесите на пример“, вели Анѓушев.

Зголемениот минималец би требало да го поттикне и општиот раст на платите. Во процедура е и решението со кое ќе се поддржуваат компаниите кои ќе ги зголемат приходите на вработените до 6.000 илјади денари, износ за кој нема да плаќаат придонеси.

„Минималната плата како законско решение не е субвенционирана, но законот за субвенционирање на покачување до 100 евра е во законска процедура. Со неа ќе се субвенционираат придонесите“, вели министерката за труд и социјала Мила Царовска.

Бизнисмените веќе побараа мерки за поддршка – субвенционирање на нови технологии и обезбедување на евтини кредити.

„Ние како текстилни компании не бараме дозвола за да исплаќаме помали плати. Таман работа. И тие што ги имаме работници ќе си избегаат. Ние сакаме да исплатиме поголеми плати, но тоа да има економска оправданост“, вели Маријана Перковска, претседател на Кластер за текстил.

На ова предупреди и Светската Банка во најновиот извештај – пред да се премине кон уште едно административно покачување на минималецот и на примањата во јавниот сектор мора да се направат сериозни анализи, во спротивно може да се предизвикаат негативни ефекти врз целокупната економија на среден рок.

„Ова е трета последователна година кога се одвива дискусија за зголемување на минималната плата. Сите зголемувања во иднина мора да бидат нужно придружени со зголемување на продуктивноста“, изјави Сања Маџаревиќ – Шујстер, Светска Банка.

Дека нема многу простор за поголем минималец неодамна предупреди и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во посебна анализа за земјава. Во неа стои дека Македонија може да плати висока цена од понатамошно ад хок покачување на законски утврдената минимална плата, а тоа го поткрепува со посебна студија за влијанието на вакви мерки врз работната сила.

Новото зголемување на минималната плата во Македонија како законска обврска, може да влијае на зголемување на невработеноста кај младите, предупредува ММФ сугерира на внимателност и во услови на голем процент на сива економија во деловниот амбиент, па тврди дека на ваков начин неформалноста може и да се поттикне дополнително.

„Властите треба да се претпазливи со дополнително ад хок зголемување на минималната плата. И покрај неодамнешното поволно влијание врз минималната заработувачка, минималниот просек на платите во Македонија е на критичен праг, над кој понатамошните зголемувања може да бидат поврзани со негативни ефекти врз вработувањето на младите и неквалификуваните работници“, стои во анализата.

Според студијата на ММФ, во повеќе земји во Централна и Источна Европа, дополнително зголемување од 10% на минимална плата се одразува со намалување на вработеноста кај младите од два проценти.

„Тоа е скап исход за земја која се бори со 48% невработеност кај младите. Ова е во согласност со постоечката литература и е поддржано од друга студија на ЕК спроведена во 19 земји, која покажува намалување на стапката на вработеност кај младите од 1,5 до 2 проценти ако минималната плата се зголеми за 10 проценти. Исто така, постојат сугестивни докази дека распределените бенефиции се намалуваат кога односот ќе достигне високо ниво“, пишува ММФ.

Минималецот ќе значи повисоки плати за над 90 илјади работници. Предизборно, оваа Влада вети минимална плата од 16 илјади и просечна плата од 30 илјади денари.

Минималната плата во Македонија за прв пат беше законски воведена пред речиси седум години. Од октомври 2011-та загарантираниот месечен личен доход беше утврден на 8.050 денари во нето износ односно 12.265 денари во бруто.

За текстилната и кожарската индустрија имаше дополнителен период на прилагодување.

Законски минималецот се коригира секоја година – во 2013 изнесуваше 8.050 денари, во 2014 година 8.800 денари, во 2015 9.590 денари, а во 2016 година 10.080 денари. Владата последен пат ја зголеми минималната плата пред две години и ја утврди на сума од 12.500 денари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП