19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГоре високо, долу длабоко – Македонија со ниски плати но и мала...

Горе високо, долу длабоко – Македонија со ниски плати но и мала продуктивност

Раст на платите единствено со раст на продуктивноста – административното покачување на минималецот без поддршка сериозно ќе ја наруши конкурентноста на македонските компании, предупредуваат бизнисмените.

Дел од мерките кои би помогнале се субвенционирање на нови технологии и обезбедување на евтини кредити.

„Ние како текстилни компании не бараме дозвола за да исплаќаме помали плати. Таман работа. И тие што ги имаме работници ќе си избегаат. Ние сакаме да исплатиме поголеми плати, но тоа да има економска оправданост“, вели Маријана Перковска, претседател на Кластер за текстил.

Слабата продуктивност е еден од посериозните проблеми на македонската економија. Ако во Бугарија или во Грција за 8 часа еден работник шие 10 до 12 кошули, кај нас стигнува едвај до 7 или 8.

„Поткрепени сме со лоша старосна структура, имаме многу слаба автоматизација и не можеме да се бориме со она што се случува околу нас… Дури и Албанија, Косово, Босна, Бугарија е доста далеку. Сите одат преку зголемување на продуктивноста преку подобрување на машинскиот парк“, објаснува Перковска.

Застарената технологија е само еден од факторите кои ја кочат продуктивноста. Тука се и ниските квалификации но и самиот менталитет на луѓето.

„Не секогаш е проблемот кај работниците. Ние треба да им обезбедиме полуавтоматски машини со кои драстично би се забрзала работата, но тоа чини сериозни пари кои во моментов ги немаме“, објаснува сопственик на текстилен погон од источниот дел на државава. „Нам ни требаат месеци за да обучиме нов работник, буквално месеци. За тоа време тој е речиси неупотреблив. Често се случува по обуката да си замине, тоа е огромна штета за нас“, вели сопственикот.

На ова предупреди и Светската Банка во најновиот извештај – пред да се премине кон уште едно административно покачување на минималецот и на примањата во јавниот сектор мора да се направат сериозни анализи, во спротивно може да се предизвикаат негативни ефекти врз целокупната економија на среден рок.

„Ова е трета последователна година кога се одвива дискусија за зголемување на минималната плата. Сите зголемувања во иднина мора да бидат нужно придружени со зголемување на продуктивноста“, изјави Сања Маџаревиќ – Шујстер, Светска Банка.

Според последните официјални податоци на Евростат кои се однесуваат на 2017-та година еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Во податоците ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

Освен најниска продуктивност Македонија има и најниска минимална плата во регионот, во моментот изнесува 203 евра. Во Босна изнесува 208, во Албанија 211, во Црна Гора 222, во Србија 230, во Хрватска 405 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП