30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Атина – Меѓународните кредитори бараат од Грција посветено да ги спроведе потребните структурални реформи во државниот сектор, за да може земјата да ја добие следната транша од меѓународната финансиска помош. Извори од грчкото Министерство за финансии изјавија дека претставниците на тројката (Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), кои во моментов се во Атина за да го оценат напредокот на реформите, не правеле никакви отстапки и барале јасно ветување од грчка страна за реформите во државниот сектор. Финансирањето на Грција може да биде замрзнато, доколку земјата не успее да ги увери кредиторите, дека реформите непречено се спроведуваат.

Атина – Претставникот на Меѓународниот монетарен фонд Пол Томсен во преговорите со Грција за следната транша од спасувачкиот план смета дека е потребно да има кратења на веќе намалените пензии на Грците, со оглед на тоа дека просечната пензија во Германија изнесува 830 евра, а во Грција 915 евра, пишува весникот „Етнос“. – Германските пензионери земаат помали пензии од грчките, истакна Томсен. Според весникот барањето за ново намалување на пензиите е поттикнато од резервираноста на меѓународните кредитори во однос на тоа дали Грција ќе ги постигне фискалните цели и ќе успее да ја компензира црната дупка во осигурителните фондови, која според нив изнесува околу 1,5 милијарди евра.

Франкфурт – Членот на Управниот одбор на Европската централна банка Јорг Асмусен ги оцени како непродуктивни дискусиите за ново намалување на грчкиот долг и ја повика Атина да продолжи со реформите. Во интервју за германскиот весник „Велт“ Асмусен посочува дека дискусиите за евентуалното намалување на долгот не се од корист, бидејќи го одвраќаат вниманието од напорите за спроведување на потребните реформи во Грција. – И покрај постигнатиот напредок има уште да се сработи, со цел позитивно да се оценат завршените задачи, рече Асмусен.

Атина – Платите во Грција се намалени за 10,1 отсто за само една година, од првиот квартал на 2012 до истиот период годинава, со што се вратени на ниво од 2006 година, јави дописникот на МИА од Атина. Откако е во сила програмата за штедење, од првиот квартал во 2010 година, платите опаднале за 22,3 отсто, покажуваат податоците што ги објави Грчкиот завод за статистика (ЕЛСТАТ). Податоците не се однесуваат на платите во примарниот сектор, во здравството, образованието и јавниот сектор во целина.

Париз – Франција воведе двегодишно ограничување за хрватските работници кои сакаат да влезат на францускиот пазар на труд. Тоа се времени мерки и тие ќе завршат, што се однесува на Хрватска, најрано до 30 јуни 2015 година. Овој период може да се продолжи за три години, до 30 јуни 2018 година, а потоа евентуално за уште максимум две години, ако то го налага состојбата со невработеноста во Франција, се наведува во соопштението. Досега девет земји од ЕУ најавија ограничување на хрватските работници, меѓу кои Германија, Холандија, Кипар, Австрија, Велика Британија, Словенија, Белгија, Шпанија и Луксембург. Дванаесет веќе потврдија дека нема да воведат ограничувања, а тоа се Португалија, Полска, Шведска, Романија, Унгарија, Ирска, Словачка, Чешка, Данска, Финска, Естонија и Литванија, додека останатите се уште намаат донесено конечна одлука.

Париз – Франција бара „времена суспензија“ на трговските преговори меѓу САД и ЕУ, кои треба да започнат следната недела, соопшти портпаролката на француската Влада, Нажат Вало-Белкасем. – Ние не сакаме да ги прекинеме преговорите за слободна трговија, но сметаме дека е добро тие времено да се суспендираат, за период од околу две недели, со цел да се избегне полемика и да се добие во време за бараната информација од страна на САД, истакна Вало-Балкасем.

Стокхолм – Шведската централна банка донесе одлука да ја задржи својата основна каматна стапка на ниво од еден отсто, како мерка за поддршка на економското заздравување. Банката очекува со ваквата камата стапката на инфлација на Шведска да остане во рамките максимално дозволените два отсто. Сегашната висина на основната каматна стапка во Шведска е воведена лани во декември, кога централната банка ја намали од 1,25 на еден отсто. Ланската стапка на инфлација во Шведска изнесуваше 0,9 отсто, за годинава е проектирана 0,1 проценти, а за 2014 – 1,3 отсто.

Анкара – Инфлацијата во Сирија на годишно ниво достигна рекордни 200 отсто, а во изминатите 12 месеци сириската лира ја намали вредноста за 66,2 проценти, изјави за агенцијата Анадолија професорот по економија на Универзитетот Џон Хопкинс, Стив Х. Ханке. Според професорот Ханке тоа значи дека домашната валута во Сирија во надворешната трговија речиси да нема никаква вредност во однос на другите валути, како и дека трговијата во земјата се одвива или ќе се одвива со помош на странски влаути или по системот на компензација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП