23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРелативно евтина храна, но и апсолутно ниски плати – како да се...

Релативно евтина храна, но и апсолутно ниски плати – како да се наполни фрижидерот?

Просечно семејство треба да потроши буквално половина просечна плата само за да го наполни фрижидерот. Платите растат побргу од трошоците но разликата меѓу потребите и можностите е се уште голема.

Минималната синдикална потрошувачка кошничка за јули вредела 32.653 денари.

Според пресметките на Сојузот на синдикати (ССМ) најголем дел од овие пари одат на исхрана и пијалаци и тоа 13.574 денари.

За трошоци за домување биле потребни 10.409 денари, за хигиена 2.306, за превоз 2.408, за облека и обувки 2.177, за култура 1.070, а за одржување на здравје останувале нешто над 700 денари.

За една година потрошувачката кошница поскапела за само 158 денари.

Според податоците на Евростат Македонија има најевтина храна и безалкохолни пијалаци споредено со останатите европски држави.

Лани прехранбените продукти во земјава се продавале за околу 35% поевтино од  просечната цена што ја имале во државите од Европската Унија. По најниски европски цени се продаваат млечните производи, овошјето и зеленчукот, како и месото и рибата.

Повисоки цени на прехранбените продукти има и во сите држави од соседството.

Освен Македонија, меѓу земјите со најевтина храна и безалкохолни пијалаци се и Романија, Полска и Турција.

Сепак, според истиот извор, Еростат, Македонија има и меѓу најниските просечни плати во Европа.

Државната статистика пресметала дека просечната плата во јули изнесувала 25.205 денари и за една година се зголемила за 4.1% или за околу илјада денари.

Од друга страна трошоците за живот пораснале за 0.8% за една година. Во јули 2019-та во однос на исиот месец од 2018-та храната и пијалаците поскапеле за 1.0%, цигарите и алкохолот за 5.2%, трошоците за здравје за 3.2%. Минимално намалување има кај облеката, мебелот, образованието.

Ова значи дека просечното семејство би требало полесно да ја полни потрошувачката кошничка, но сепак разликата меѓу приходите и расходите останува.

Таа може до некаде да се испегла со штедење иако обично се вели дека не треба да се штеди на храна.

Сепак, постојат начини и за тоа а без притоа да се влијае на квалитетот на она што ќе се најде на трпезата.

Речиси сите синџири на супермаркети имаат сопствен бренд кој е и до 30% поевтин од познатите марки – квалитетот и содржината се исти а цената помала. Не мора да плаќате повеќе само заради одредено име на пакувањето.

Секогаш барајте акциски цени на производите. На попуст може да се оствари заштеда и до 40%.

Сајтовите за групно купување нудат попусти за различни работи – од  храна и алкохол, до подароци и патувања, па со паметен избор може да се заштеди значителен износ.

Цените на истите артикли често осцилираат од град во град, но и од продавница до продавница, па дури и во истата населба. Шетањето од продавница до продавница е напорно но може да придонесе за значителна заштеда. Најголема разлика е забележана кај месните и млечните производи.

Доколку одите на зелените пазари треба да имате предвид дека цените се највисоки во раните утрински часови. Продавачите добро знаат дека треба да ја намалуваат цената како што изминува денот бидејки не им е во интерес да остане непродадено овошјето и зеленчукот особено она кое е лесно расипливо.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП