Фабричката активност во Кина во мај паднала поради тековниот трговски спор со САД кој резултирал со зголемување на тарифите на кинескиот извоз.
Композитниот индекс на менаџерски набавки (PMI), кој ги прати активностите на фабриките во Кина, паднал на 49,4 поени во мај од 50,1 поени во април на скала од 100 поени, соопштил кинескиот Национален завод за статистика и Кинеска федерација за логистика и набавки, пренесува агенцијата AP.
Најновиот индекс е најнискиот PMI во последните три месеци, а секој податок под 50 поени укажува на забавување на фабричката активност.
“Веруваме дека намалувањето на нови нарачки значи дека домашната производствена активност е погодена и со трговската и со технолошката војна”, напишала во анализата на ING, економистката Ирис Панг.
Падот на PMI вооглавно бил предводен со слабеењето на нови нарачки, изјавил Џулијан Еванс-Причард од компанијата Capital Economics, што укажува дека новото американско зголемување на тарифите ”можеби веќе ја поткопува надворешната побарувачка”.