19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСезоната на свадби во полн ек – бизнис кој врти милиони

Сезоната на свадби во полн ек – бизнис кој врти милиони

Сезоната на свадби е во полн ек, овој бизнис во земјава буквално врти милиони. Кога станува збор за еден од најважните чинови во животот Македонците не штедат.

Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во земјава во просек секоја година се склучуваат по околу 14 илјади бракови.

Пресметките на денар.мк покажуваат дека една обична, скромна свадба со 200 гости чини најмалку 4 илјади евра.

Оттука вкупната сума која овој бизнис ја врти на годишно ниво надминува 50 милиони евра!

Најголем дел од парите одат кај рестораните – порциите чинат од 12 па и над 50 евра.

Ако се земе предвид цената на менијата само за ресторан требаат илјадници евра – за најевтината понуда од 12 евра, за свадба со 200 гости ќе треба да се одвојат 2.400 евра.

„Конкуренцијата од година во година станува се поголема, но јас мислам дека има работа за сите, барем за оние кои се вистински фокусирани на организирањето на свадби“ вели сопственик на ресторан во скопската населба Визбегово.

Тој објаснува дека иако конкуренцијата е се поголема тие не можат да ги намалат цените зашто и сега работеле на работ на рентабилноста. Конкретно тие се одлучиле за друга опција – нудат дополнителни бесплатни услуги.

„Оние кои ќе се одлучат да направат свадба кај нас добиваат гратис невестинска торта, изработка на покани и професионални фотографии“ вели тој.

Цените на менијата не можат да одат надолу, не поради храната туку поради пијалаците. Секој ресторан нуди неограничено алкохол а на свадба ретко кој се воздржува кога пие.

„Македонците се чудни во тој поглед. Ако има виски без пари речиси сите нарачуваат виски иако повеќе би сакале да пијат ракија. Тоа ја качува цената на менито. Токму затоа ние имаме различни понуди кои имаат и значително различни цени во зависност од тоа дали се служат сите или само дел од алкохолните пијалаци“ објаснува сопственикот на ресторан за свадби.

Освен за ресторан, младенците треба да одвојат пари за фотограф и снимател. Најмувањето професионалци веќе е пракса – чини од 50 до 3.000 евра во зависност од квалитетот, но и дали гостите сами ќе си платат за сликите со младите.

„Сите знаат што е квалитет, но ако можат да заштедат најмногу штедат токму на фотографија и веројатно на музика. Ова го работам речиси две децении и сега за сега сум задоволен од бизнисот. Исплатливо е, но зависи од сезоната“ изјави Димитар Десовски, сопственик на фото – студио.

Еден од најважните делови на свадбата секако е изборот на гардероба – венчаниците чинат од 250 па и до неколку илјади евра. Младоженците за костуми плаќаат и до два пати помалку.

Дополнителна ставка е музиката – ангажирање бенд или диџеј чини од неколку стотици до неколку илјади евра, во зависност од името.

Од свадбите заработува и Црквата, цените се движат од 50 до 100 евра, плус дополнителни трошоци. Така на пример, ако младите одлучат да ги венча еден поп ќе платат 4.000 денари или три попа 5.500 денари.

Цената за венчавка е различна во секоја црква и најверојатно тоа се должи на местоположбата на храмот, дали е во центар или на периферијата. МПЦ-ОА дава услуги и во странство каде има наша дијаспора, цените се разбира се повисоки согласно тамошните стандарди

Муслиманите и католиците овој чин ги чини поевтино. Оџата за венчавка наплаќа 1.000 денари, а католичкиот свештеник само 700.

Но за да биде законски признат чинот на венчавање треба да биде извршен и од страна на државните матични служби. И услугите на матичарот имаат различна цена. Ако сакате да дојде на локација по ваша желба во работен тоа ќе ве чини 50 евра, за викенд двојно повеќе. Во општинските простории цените се неколку пати пониски.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП