25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКазни и глоби - граѓаните и компаниите плаќаат по 89 илјади евра...

Казни и глоби – граѓаните и компаниите плаќаат по 89 илјади евра на ден!

Просечниот Македонец годинава ќе плати казни и глоби во вкупен износ од 15 евра. Во буџетската ставка глоби, судски и административни такси е предвидено да се соберат вкупно 32 милиони и 520 илјади евра. Ова би значело дека секој ден треба да изрекуваат казни во вредност од 89 илјади евра.

Под ставката други административни такси се планирани дополнителни 63 милиони и 335 илјади евра. Вкупните неданочни приходи за цела 2019-та година изнесуваат 222 милиони и 461 илјади евра.

Оваа година државата планира помалку да ги казнува граѓаните и фирмите во однос на претходните. За 2019-та се планирани 32.5 милиони евра, во 2018-та биле наплатени 34 милиони, во 2017-та 38.5 милиони. Убедливо најмногу биле собрани во 2008-та година, дури 71.8 милиони евра.

Ставката глоби, судски и административни такси  има солдина реализација. Најновите податоци на Министерството за финансии покажуваат дека во првиот квартал односно во периодот од јануари до март биле наплатени 7 милиони и 577 илјади евра или 23.3% од планираното за цела година.

Според податоците на Управата за јавни приходи минатата година низ оваа институција минале 120.038 казни, а за 24.475 биле изготвени решенија за присилна наплата. Вкупната вредност на прокнижени глоби и казни била 6.3 милиони евра.

„Од пристигнатите и обработени предмети, дел веќе биле целосно или делумно наплатени што се констатира дополнително преку постапки што ги спроведува Центарот за глоби, за одреден број органите и институциите не доставиле целосни податоци кои дополнително и континуирано се комлетираат и обработуваат од страна на Управата“ објаснуваат од УЈП.

Убедливо најмногу казни и глоби изрекува Министерството за внатрешни работи, потоа Судовите, па Царинската управа и Министерството за труд и социјална политика.

Право да казнуваат имаат уште и  Министерство за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Министерство за земјоделие шумарство и водостопанство, Министерство за економија, Дирекција за заштита на лични податоци, Народна банка, Агенција за храна и ветеринарство, Комисија за хартии од вредност, Комисија за заштита на конкуренција и Министерство за финансии, како и сите органи и инспекторати кои се под нивна надлежност.

Владата работи на намалување на казните и глобите. Измените на Законот за прекршоци се во собраниска процедура. Со нив  се предвидува минималната глоба за физичко лице да биде 15 евра, а максималната да биде 250 наместо досегашните 1.000 евра. За правните лица, при одредување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, бројот на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци.

Околу 200 закони во кои е уредена висината на казната, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци и нема да смеат да го надминат утврдениот минимум и максимум.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП