20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: капитални инвестиции – за два месеца реализација од само 3.5%

Анализа: капитални инвестиции – за два месеца реализација од само 3.5%

Во првите два месеца од годинава реализацијата на капиталните инвестиции е само 3.53%. Со ова темпо е речиси невозможно да се потрошат планираните 422 милиони евра за инфраструктурни проекти. Ова може да има сериозно негативно влијание на целокупната економија.

Досега потрошени само 15 милиони евра

Во првите два месеца од годинава биле потрошени само 15 милиони евра или 3.53% од предвидените пари за цела година за изградба на патишта, железници, водоводи, болници, училишта.

За споредба сите останати буџетски ставки и на приходната и на расходната страна се со реализација од по околу 15% што е и очекувано за да се оствари целосно спроведување на планираното.

За годинава Владата предвиде да потроши од буџетот над 422 милиони евра за капитални проекти.

Реализацијата на капиталните инвестиции минатата година изнесуваше едвај 197 милиони евра односно 65.5% од планираното со ребалансот на буџетот или помалку од половина од првичната сума од 400 милиони евра.

Реализацијата никогаш не е 100%

Реализацијата на капиталните инвестиции никогаш не е целосна, но во последните неколку години значително потфрла. Разликите обично се пеглаат со ребаланс на буџетот, но и тогаш не достигнува 100%.

Во 2018-та биле потрошени само 65.5% од планираните пари, во 2017-та 83.6%, во 2016-та 76.01%, во 2015-та 83.96%, во 2014-та 83.58%, во 2013-та 82.42%, во 2012-та 87.5%, во 2011-та 84.37%, во 2010-та 86.65%, во 2009-та 69.69%, во 2008-та 78.05%.

Што предвидува буџетот за годинава?

Во буџетот за оваа година се предвидени 26 милијарди денари или 422 милиони евра за капитални инвестиции обезбедени директно од државната каса, од ИПА фондовите и од заеми.

„Истите се наменети за интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патна и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството“ се наведува во Буџетот за 2019-та.

Државата планира годинава да продолжи модернизирањето на постојната железничката инфраструктура, како и изградбата на пругата кон Бугарија.

Годинава треба да започне Проектот за локални патишта со кој што треба да се подобри патната инфраструктура на општините. Треба да продолжат активностите на новата делница Градско – Дреново, обнова на правецот Куманово – Страцин, како и реконструкција и надградба на постоечкиот пат од Прилеп кон мостот на Ленишка река, и изградба на трета лента на патната секција од селото Беловодица кон Мавровскиот каменолом.

Предвидено е продолжување на активностите околу изградбата на првата фаза од Националниот гасоводен систем, делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар.

„Ќе се продолжи со интензивирана динамика изградбата на водоводните и канализационите системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката“ стои во буџетот.

Во 2019-та започнува реализацијата на Проектот за унапредување на социјалните услуги финансиран со заем од Светска банка преку кој се градат нови и се реновираат постојните детски градинки.

Предвидено е да продолжи Проектот за изградба фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта финансирани со заем од ЦЕБ.

„Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 3.3 милијарди денари (53 милиони евра) кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства“ се наведува во буџетот.

Капиталните инвестиции имаат повеќекратно значење

Капиталните инвестиции ја подобруваат инфраструктурата а со тоа и конкурентноста на целокупната економија но имаат и директно влијание преку поттикнување на градежништвото.

Овој сектор кој што имаше фантастични стапки на раст речиси една деценија последниве неколку години е во надолна линија.

Лани растот на градежништвото беше само 0.2% за што сериозен удел имаше лошата реализација на капиталните инвестиции.

Според Државната статистика градежништвото пораснало за само 0.2% минатата година. Во првиот квартал секторот имал негатива од 19.3%, во вториот негатива од 2.0%, во третиот повторно негатива од 2.6%. Позитивниот резултат е поради огромниот раст во четвртиот квартал кој достигнал 19.6%. Се на се вкупниот раст за цела 2018-та година е 0.2%.

Ова се рефлектираше и на финансиските резултати на градежните компании и на производителите на материјали кои што котираат на Македонската берза – речиси сите имаат намалени приходи и профити.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП