25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНедостаток на квалификуван кадар – главен проблем на текстилниот сектор

Недостаток на квалификуван кадар – главен проблем на текстилниот сектор

Текстилната индустрија се соочува со низа проблеми – недостаток на кадар, ниска продуктивност, а капак на се е зголемената минимална плата која дополнително удри на секторот.

Стапката на невработеност е 19.4% но текстилните компании тешко наоѓаат кадар.

„Никој не сака да седне зад машините за шиење. Сите мислат дека работата е претешка и недоволно платена“ вели сопственик на конфекција од Штип. „Ние нудиме солидни услови, платата е далеку над минималната, за искусните работници надминува и 25 илјади денари но сепак имаме проблем да најдеме кадар“ вели тој.

Дополнителен проблем за домашните компании е и конкуренцијата од странските инвеститори. Бизнисмените велат дека во слободните зони има многу поволности и олеснување, па таму се нудат и малку повисоки плати – работниците им бегале за разлика од 1.000 до 2.000 денари.

„Проблемот е сериозен, тешко се наоѓаат шивачки, моделари, односно се она што значи директна работна сила. Состојбата не е сјајна ниту со високо стручниот кадар, но не е толку алармантна како со работниците во директното производство“ објаснуваат сопственик на конфекција од Кочани.

Бизнисмените од овој сектор велат дека платите треба да растат заедно со продуктивноста, а во овој сегмент Македонија е далеку зад Европа па дури и зад Балканот.

Македонските работници се двојно помалку продуктивни од нивните европски колеги – ако во Бугарија или во Грција за 8 часа шијат 15.5 до 16 кошули кај нас едвај 7 до 7.5.

Зголемениот минималец и најавите за негов дополнителен пораст годинава ќе удрат на продуктивноста, сметаат менаџерите според кои кога административно се одредуваат најниските примања не остануваат доволно пари за оние што работат подобро и треба да бидат платени повеќе.

„Ова придонесе до урамниловка, приближување на платите, намалување на стимулот или потребата некој да се докажува и покажува на работа. Зголемувањето на минималната плата придонесува за намалување на продуктивноста со која и онака не можеме да се пофалиме. Ова е наметнување, на некој начин ова е директива. Ние добиваме директива за извршување, тоа ќе резултира со уште еден чекор до поголема урамниловка. Ние пазарите ги губиме, ние немаме доволна продуктивност“ вели Маријана Перковска, Кластер за текстил.

Сепак лани продуктивноста пораснала за 0.6% во првиот и за 0.7% во вториот квартал. Ова го покажуваат најновите анализи на Народната Банка објавени во кварталниот извештај. Во текот на 2017-та, пак, имаше постојан пад на продуктивноста која во текот на годината падна за дури 2.1%.

За да се подобри состојбата во секторот треба да се вложува во осовременување на технолошките процеси, но за ова е потребна поддршка. Текстилците бараат државата да ги помогне при набавката на нова автоматизирана опрема, но и ослободување од ДДВ за трговските фирми кои извезуваат текстил и облека.

Овој сектор игра голема улога во формирањето на Бруто домашниот производ (БДП), во апсорбирањето на работната сила, како и во делот на извозот.

Текстилната индустрија ангажира околу 46.000 луѓе, кожарската околу 5.000. Оттука речиси над 7% од сите вработени се дел од овие гранки.

Над 15% од македонскиот извоз го сочинуваат текстилните производи, во најголем дел како лон односно како работа за странски партнери под нивни брендови и со нивни репроматеријали.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП