16 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКаде се локалните економско-социјални совети (ЛЕСС)!?

Каде се локалните економско-социјални совети (ЛЕСС)!?

Формирањето локални економско-социјални совети (ЛЕСС) во државата почна пред една деценија. Иницирани да бидат агрегатор на идеи и промотори на квалитетен социјален дијалог, ЛЕСС од првиот ден на формирањето тргнаа амбициозно и со јавна поддршка за таа, во тоа време, нова и креативна содржина во заедницата, фокусирана да придонесе за развој на локалните средини.

Познато е дека процесот на формирање ЛЕСС го почна Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), уверени дека со ЛЕСС ќе се зајакнат структурите на локално ниво и нивниот капацитет за поефикасен економско-социјален дијалог и развој. И така, низ јавна кампања, почнаа да се редат промотивни настани, најнапред во Куманово, каде што беше формиран првиот ЛЕСС во државата, потоа во Кавадарци, Струмица, Битола, Штип, Тетово, Ресен, Гостивар, Велес, Свети Николе, Кичево, Радовиш…, а ЛЕСС формира и Град Скопје.

Економско-социјален дијалог и мултисекторска соработка

Економско-социјалниот дијалог е една од најдобро дефинираните активности во демократските системи со која се овозможува до израз да дојдат ресурсниот потенцијал на актерите во процесот на креирање јавни политики и затоа се смета за клучен европски економско-социјален концепт. Значењето и улогата на социјалниот дијалог за секое општество е неспорна и е со цел да превенира судири/несогласувања, постигнување социјален консензус, изградба на доверба меѓу различни групи и, што е најважно, урамнотежен економски и социјален просперитет.

Македонскиот ЛЕСС почна со работа врз база на искуства од националниот Економско-социјален совет (ЕСС), мотивиран од потребите на локалната заедница што подолго време посакува да се организира и подиректно да придонесува за локалниот економско-социјален развој. Улогата на ЕСС на државно ниво требаше да биде пренесена на ЛЕСС на локално ниво. Од денешен аспект, тука е првиот проблем на идејата, бидејќи до ден-денес нема формална вертикална поврзаност на ЛЕСС со ЕСС. Вториот проблем директно и индиректно е поврзан со трансферите на синдикалната, а подоцна и со трансферот на локалните власти. Кризата во ССМ го одвлече вниманието од проектот-ЛЕСС, а новоизбраните локални структури, иако повеќе од една година менаџираат со општините, сè уште не ги возобновиле составите на локалните економско-социјални совети ниту, пак, во јавноста е забележана ревизија на донесените стратегии или акциски планови, што подразбира дека на повидок нема нови!? Можности за надминување на статус кво ситуацијата има повеќе, а една од подобрите е користењето на истражувањата што ги направија експерти на МНД – Битола во соработка со македонскиот Агросиндикат, а во кои меѓу другото се посочува да не се повторуваат грешките од минатото, недоволната внатрешна соработка меѓу членовите на ЛЕСС да се замени со подобра и поефикасна, ниската мотивираност да се замени со проактивност, планирана, а не ад хок координација, редовно заседавање и отворени врати за претставниците на граѓанскиот сектор кои се уште во структурите на ЛЕСС, со посебен акцент на младите, кои, за жал, се без право на глас. Вакви какви што се, постојат – не постојат, ЛЕСС невидливи, може и да исчезнат. Фактот неприфатлив, но во моментов реален и опоменувачки.

Новиот европски наратив на Европскиот економско-социјален совет (ЕЕСК)

За промена на сегашната слика на македонскиот ЛЕСС може да се користи отвореноста на Европскиот економско-социјален совет (ЕЕСК) со седиште во Брисел, чии претставници често се на терен и во посета на целни групи од други држави. На денот на големиот јубилеј, 60 години од формирањето на ЕЕСК, претседателот Лука Јахир најави нов европски наратив, јакнење на европскиот социјален модел и интензивен дијалог со граѓаните. Според Јахир, во Европа е потребна гаранција за социјална вклученост, социјални вложувања и социјална иновативност и исто така е потребна поголема кохезија, поттикнување на креативноста, солидарност и поголем простор на младите.

Мисијата и идеите на ЕЕСК неодамна беа преточени во стварност во СОУ „Јане Сандански“ во Струмица, каде што членот на ЕЕСК од Чешка, Роман Хакен, ја претстави програмата „Твоја Европа, твој збор“. Примерот е одличен, а тоа што учениците имаа можност директно да разговараат со чешкиот претставник во ЕЕСК и фактот што младите струмичани кон средината на идниот месец ќе престојуваат во седиштето на ЕЕСК и други ЕУ-институции во Брисел дополнително потврдува дека ЕЕСК не се откажува од ресурсните потенцијали на државите кандидати за членство во ЕУ и посебно е фокусиран на соработката со младите. Ваквите можности и директна комуникација со ЕЕСК, освен што посочуваат на теренско, а не кабинетско работење, треба да се континуитет и огледало за работа на домашните локални економско-социјални совети.

ЛЕСС – трипартитна синергија

Многумина знаат да речат дека трипартитниот дијалог е формула за рамномерен развој и добри економски и социјални политики. Факт е дека во одредени општини се формираа ЛЕСС, но дали ќе опстанат во голема мера ќе зависи од способноста на ЛЕСС да генерираат планови во соодветната општина на среден или долг рок. Ако се знае дека работата на ЛЕСС од аналитички аспект е прецизирана, тогаш време е за процесниот дел и евалуација на планираното и реализираното. ЛЕСС имаат неопходна потреба од работа во мешани групи (возрасни и млади, работодавци и синдикати, избрани функционери и избирачи), со што на повисок степен ќе бидат подигнати меѓусебната доверба и соработка, но и понудата на т.н. „деполитизирани“ предлози. И, конечно, во наредниот период соработката и компромисите треба да бидат одлика, а не предизвик за ЛЕСС, затоа што само на таков начин граѓаните ќе го чувствуваат ЛЕСС како субјект за поддршка и активно ќе учествуваат во креирање на јавните политики.

Марјан Танушевски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП