2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманскиот бизнис: Brexit и трговските спорови се најголемиот ризик за раст

Германскиот бизнис: Brexit и трговските спорови се најголемиот ризик за раст

Водечките индустриски групи во Германија соопштија дека повлекувањето на Велика Британија од Европската унија (ЕУ) и трговските спорови предизвикани од политиките на Доналд Трамп за „Америка на прво место“, претставуваат најголем ризик за растот, пренесува „Ројтерс“.

Германската економија, која е најголема во Европа, се очекува да ја забележи својата најслаба стапка на раст по многу години, додека извозните компании се соочуваат со предизвици во странство. Но, значајната домашна побарувачка значи дека многу бизниси се уште имаат можност да го прошират својот бизнис.

Во анкетата спроведена од „Ројтерс“, раководителите на водечките здруженија на индустриите наведуваат дека не веруваат дека економијата ќе влезе во рецесија, а повеќето прогнозираат значителен раст од околу 1,5% на економијата во 2019-та година.

Но здруженијата велат дека економските проблеми на директорите на компаниите се засилуваат и владата треба да стори повеќе за да им помогне, така што ќе ги намали корпоративните даноци и ќе инвестира повеќе во дигитална инфраструктура.

„Најголем ризик на краток рок е „Brexit““, изјави Дитер Кемф, претседател на Федерацијата на германските индустрии (BDI).

Ако Велика Британија ја напушти ЕУ во март без никаков договор за идните нејзините односи со блокот, тоа ќе доведе до големи неизвесности за трговијата и бизнисот, предупредува тој. „Британската економија ќе се соочи со директна закана од рецесија која индиректно ќе влијае и на Германија“.

Холгер Бингман, шеф на трговската група „BGA“, тврди дека „Brexit“ е „најитниот проблем за германската економија“, иако ескалацијата на меѓународните трговски спорови, предизвикани од САД, може потенцијално да ги зајакнат економските проблеми.

Претседателот на „DIHK“, Ерик Швајцер, коментираше дека германските компании сé уште се загрижени за можноста да се наметнат повисоки давачки за европските автомобили.

„Заканата од царини за автомобилите е сé уште на дневен ред“, предупредува тој. Според него и за двете страни е особено важно да вложат повеќе напори за да се најде решение на трговскиот спор преку преговори, што идеално ќе доведе до пониски царини.

Германската економија веројатно ќе порасне за околу 1,5 отсто во оваа година, во споредба со 2,2 отсто во 2017-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП