25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовогодишна шопинг треска: се купува како да нема утре

Новогодишна шопинг треска: се купува како да нема утре

Метеж во моловите и во маркетите. Последните денови од старата година по традиција се исполнети со многу забави, излегувања но и со пазарење. Се купува како да нема утре – облека, декорации, подароци, храна…

Да поминат празниците па ќе мислиме на семејниот буџет – вака веројатно размислуваат најголем дел од Македонците. Во предновогодишната еуфорија многу повеќе се купува, а многу помалку се размислува дали навистина имаме потреба од тоа.

„Цела година работам напорно. Ред е малку да се опуштам и да се почестам себе“, вели млада девојка која во рацете држи повеќе кеси од брендирани бутици.

„Не купувам за себе, туку за синот и снаата и пред се за внучињата. Ќе дојдат за празниците па сакам да ги израдувам. Има уште една недела до Нова Година но сакам да ги избегнам најголемите гужви, затоа излегов денеска“, вели една повозрасна госпоѓа.

И трговците се задоволни – прометот во последните недели од декември е и неколку пати повисок од другиот период годината.

„Секако дека се пазари повеќе, а допрва очекуваме и уште поголем промет. Кај нас сите ги чекаат последните денови пред да се подноват. Веројатно викендов ќе биде вистински хаос. Така беше и лани“, вели менаџер во бутик во еден од поголемите молови.

Зголемениот промет е секако уште поочигледен кај продавниците за украси и за подароци – ова е нивна сезона.

Новата Година секако не може да се замисли без елката – таа е долгорочна инвестиција. Во последно време цените се драстично намалени пред се поради увозот на поевтини и најчесто кинески декорации. Се продаваат по цена од 800 па и до 12.000 денари во зависност од големината, бујноста и секако потеклото.

Но, новогодишната елка не оди без лампиони. Пластичните се продаваат во сет од по десетици и чинат до 300 денари, стаклените пак се продаваат поединечно по цена од 60 денари па нагоре.

„Ние имаме и стаклени и кристални декорации, но најмногу се продаваат пластичните, веројатно поради пониската цена. Продаваме и уникатни, рачно изработени парчиња кои чинат од 300 до 600 денари, но тие повеќе се украс за локалот отколку што навистина се продаваат“ вели вработена во продавница за подароци која што за празниците е целосно уредена во новогодишно – божикно руво.

Македонците сакаат да подаруваат, но продавачите велат дека мажите повеќе изненадуваат од жените. Број еден е парфемот, а потоа некое парче накит или парче облека.

Традиционалното на најмалите освен играчки и други изненадувања им се даруваат и новогодишни пакетчиња. Тие чинат од 150 па до 1.500 денари во зависност од големината, количината на слатки и секако производителот.

Но новогодишната шопинг треска не запира тука. Во последно време тренд е семејното фотографирање. Фото сесија чини и над 1.000, во зависност од имиџот на студиото.

„Ние нудиме различни пакети – освен фотографии, изработуваме и честитки и календари со семејниот или со портретот на најмалите… Цените варираат, од 300 денари за наједноставниот портрет, па и над 1.000 за пакетот кој вклучува сет календари, сет честитки. По желба можеме да изработиме и маици и блузи со вашата фотографија“ објаснуваат во едно скопско фото студио.

Кога сето ова ќе се собере со доаѓа до вртоглави суми. Македонците за празниците во просек секоја година трошат над 60 милиони евра. До точни бројки не може да се дојде бидејќи нема прецизни статистички податоци, но повеќе показатели упатуваат на ова – ако секое семејство во просек одвојува по стотина евра, а во земјава има над 500 илјади домаќинства се стигнува до оваа солидна сума. Дополнително, секоја година во декември се повлекуваат по околу 30 милиони евра повеќе преку платежните картички од просекот во останатите месеци, а во продавниците околу половина од прометот е на картичка, а половина во кеш.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП