Работиме на мерки за позитивни резултати во управувањето со шумскиот фонд, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Никловски, кој присуствуваше на фестивалот „Форест фест“, кој се одржува во Берово и Пехчево.
Николовски посочи дека МЗШВ заедно со Националното здружение на сопственици на приватни шуми континуирано работи на унапредување на мерките за сопствениците на приватни шуми во Програмата за рурален развој и во Програмата за проширена репродукција на шумите, и тоа со една единствена цел – зголемување на економските, еколошките и културните вредности на шумите.
„Националното здружение преку соработка и комуникација со стручната фела и со претставниците на Здружението ќе учествува во изработката на закони и подзаконски акти од областа на шумарството. За таа цел во октомври годинава потпишавме меморандум за соработка со ЈП ‘Македонски шуми’ и Националното здружение. Но, она што е најважно е да потсетиме на вредноста на шумите како наше природно богатство, особено во борбата против аерозагадувањето. Без разлика дали шумите се во државна или приватна сопственост, наша задача како Министерство е да креираме мерки што ќе дадат позитивни резултати во заштита, зголемување и одржливо управување со шумскиот фонд“, истакна Николовски.
Шумите и шумското земјиште покриваат околу 40 отсто од целокупната територија на Македонија и се важен природен ресурс за 60.000 сопственици на приватна шума, особено во ридско-планинските подрачја.
Притоа Николовски потенцира дека во наредниот период почнуваат сериозни реформи во шумарскиот сектор, со цел унапредување на шумите и шумарството во целина, преку ново финансирање за проширена репродукција на шуми, како и хармонизација на шумарската политика во рамките на процесот на приближување кон ЕУ. За ефикасна реализација на овие цели, МЗШВ има финансиска и техничка помош од ФАО, конкретно за развивање на методологијата за спроведување национален инвентар за шумите и ќе трае до крајот на година. Шумарството е влезено и во тригодишната програмска рамка на ФАО за Македонија. Дополнително, со европската ИПА 2019, за македонското земјоделство и руралниот развој планирани се 15 милиони евра, со кои првпат ќе се финансира и секторот шумарството. Парите ќе се искористат за воспоставување шумарски информативен систем, што е важно за одржливо стопанисување со шумите, креирање на политиките за приближување на македонското шумарство кон современите текови и обезбедување податоци клучни за развојот на овој сектор.
Оваа манифестација е во организација на Националното здружение на сопственици на приватни шуми, а е поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водопанство, Јавното претпријатие „Македонски шуми“, Програмата за зачувување на природата во Македонија, како проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, и од општините Берово и Пехчево.