6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопје со најголем БДП по жител, Тетово и Гостивар со најмал

Скопје со најголем БДП по жител, Тетово и Гостивар со најмал

Скопскиот регион има најголем, а Полошкиот најмал Бруто домашен производ (БДП) по глава на жител. Жителите на главниот град се и единствените кои имаат плати над државниот просек. Скопскиот регион има најмногу жители и нивниот број постојано се зголемува а во речиси сите останати делови од Македонија се намалува.

Скопје со три пати поголем БДП по жител од Тетово и Гостивар

Скопскиот регион има најголем, а Полошкиот најмал Бруто домашен производ (БДП) по глава на жител. Ова го покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) според кои Скопскиот регион има 43.4% повисок БДП по жител од државниот просек, следен е Југоисточниот регион со 19.1% над просекот, па Вардарскиот со 5.3%. Сите други региони се под просекот – Пелагонискиот има 1.6% помалку, Источниот 7.3% помалку,  Југозападниот 22.6%, Североисточниот 41.4% и Полошкиот дури 53.8% под просекот.

Сепак, ДЗС објаснува дека ова не ја отсликува и распределбата на богатството – дневната миграција на работната сила придонесува во даден регион да се создаде бруто-домашен производ што не е резултат на локалните жители.

„Од тие причини, податоците за БДП по жител може да бидат преценети во регионот каде што тој се создава (Скопскиот регион), односно потценети во регионот од каде што се одлева работната сила“ се наведува во објаснувањето на ДЗС во кое натаму се вели и дека податоците не ја прикажуваат развиеноста на регионите од аспект на приходите на населението.

„Тоа значи дека многу граѓани од останатите региони придонесуваат во создавањето на БДП за одреден регион, а заработените приходи ги префрлаат во регионите каде што живеат“ се наведува ДЗС.

Скопје со највисоки плати, Кратово и Крива Паланка со најниски

Жителите на главниот град се единствените кои имаат плати над државниот просек. Така во Скопскиот регион просечната нето плата во 2017-та била 26.790 денари, во Полошкиот 21.809, во Пелагонискиот 21.196, во Југозападниот 20.361, во Вардарскиот 18.213, во Југоисточниот 18.293, во Североисточниот 17.749 и во Источниот 17.653 денар.

За овој период просекот на ниво на цела земја бил 22.928 денари.

Од друга страна најниска стапка на невработеност има Југоисточниот регион (12.0%). Следуваат Источниот (12.9%), Пелагонискиот (16.3%), Вардарскиот (20.1%), Скопскиот (22.5%), Полошкиот (29.0%), Југозападниот (30.5%) и Североисточниот (35.7%). Податоците се однесуваат на 2017-та година кога стапката на ниво на Република Македонија изнесувала 22.4%.

Секој трет Македонец живее во Скопје

Ако се земат предвид сите податоци лесно може да се заклучи зошто многумина среќата си ја бараат во главниот град – скопскиот регион има најмногу жители и нивниот број постојано се зголемува а во речиси сите останати делови од Македонија се намалува.

Така, скопскиот регион има 626.071 жители. Следуваат Полошкиот со 321.199, Пелагонискиот со 229.491, Југозападниот со 219.702, Источниот со 175.939, Североисточниот со 176.214, Југоисточниот со 173.476 и Вардарскиот со 152.410 жители.

Ова се последните податоци со кои располага Државниот завод за статистика (ДЗС) и се однесуваат на состојбата на 30.06.2017 кога според процените во Македонија имало вкупни 2.074.502 жители.

Во однос на 2016-та вкупниот број на жители на Македонија е зголемен за околу 2 илјади. Во скопскиот регион има зголемување од 4 илјади, во полошкиот од 1 илјада, а во останатите има благо намалување.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП