26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦрвено, жолто, зелено – што ќе значат лепенките за автомобили?

Црвено, жолто, зелено – што ќе значат лепенките за автомобили?

Сообраќајот придонесува со само 15% од вкупното загадување, но власта реши да почне да го решава проблемот токму од овде. Ќе бидат воведени налепници за автомобилите со различна боја во зависност од степенот на емисии на гасови.

Возниот парк старее – просечниот автомобил има 18.7 години

Според податоците на Државниот завод за статистика во Македонија има регистрирано вкупно 474.516 превозни средства од кои 403.316 се автомобили. Во 2017-та во однос на 2016-та вкупниот број на превозни средства се зголемил за осум илјади.

Просечната старост на возилата во земјава лани била 18.7 години, а преклани била 18.4.

Најголем дел од автомобилите односно 84.1% се постари од десет години. Само десет илјади или 2.5% од возилата се понови од пет години.

Што предизвика либерализираниот увоз пред 8 години?

Во 2010-та беа олеснети законските процедури за увоз на половни возила. Оттогаш бројот на автомобили драстично порасна.

Така во 2009-та во земјава имало 282 илјади автомобили со просечна старост од 15.7 години, а во 2018-та има над 400 илјади со просечна старост од 18.7 години.

Со дозволениот увоз на половни автомобили се менува и процентот на застапеност на дизел во однос на бензинските возила. Во 2012 година од вкупно 301 илјада автомобили на дизел биле помалку од една третина или 92.799 автомобили. Таа бројка е во постојан раст, и во 2016 година во Македонија има вкупно 192.816 дизел автомобили што е речиси половина од вкупниот број автомобили.

Македонците се помалку купуваат нови возила

Податоците на Царината, пак, покажуваат дека расте увозот на половни а се намалува на нови автомобили. Така, во првите 9 месеци од 2018-та година биле увезени 4.332 нови и 21.069 половни автомобили. Во истиот период од 2017-та биле импортирани 3.999 нови 15.783 половни.

Ова е тренд кој трае веќе неколку години. Во 2017 година бројот на патнички автомобили со прва регистрација изнесува 26.609 возила, што споредено со 2016 година е намалување за околу четири илјади кога биле регистрирани 30.423 нови возила.

И податоците на Народната банка покажуваат продолжување на надолниот тренд кај автомобилските кредити.

Во ЕУ најнови автомобилите во Белгија, најстари во Бугарија

Податоците покажуваат дека земјите кои имаат најголем проблем со загадувањето имаат и најстар возен парк.

Најнови автомобили во Европската унија возат Белгијците со просечна старост од седум години. Следни се жителите на Данска, Велика Британија и Германија со возен парк стар осум години, потоа Франција и Италија со просечна старост на возилата од девет години.

Според податоците во Бугарија над 50% од возниот парк е со старост од 20 години, потоа следи Полска каде речиси 40% од автомобилите се постари од 20 години и Латвија, Литванија и Романија со над една третина од возниот парк постар од 20 години.

64% од патувањата во Скопје се со автомобил

Според студијата за сообраќајот во Скопје дневно се случуваат 1.100.000 патувања, од кои 64% се направени со автомобили и јавен превоз, 35% се пеш и ниски 1,4% со велосипед.

Најзагрозени од метежот и загадувањето се оските помеѓу Карпош, Центар, Аеродром и дестинациите Бит Пазар, Стара Чаршија, Мавровка и комплексот со факултетите.

Процените се дека највисоката концентрација на сообраќај е околу раскрсницата „Мавровка“ каде циркулираат околу 40.000 возила дневно.

Црвено, жолто и зелено за автомобилите

Власта најави законски измени со кои ќе бидат воведени налепници за автомобилите со различна боја во зависност од степенот на загадувањето.

Зелена налепница ќе добијат хибридните, електртичните и возилата кои имаат ЕУРО 5 и ЕУРО 6 стандард. Тие ќе можат слободно да се движат во кое било време какво и да е загадувањето, рече Макрадули.

Жолтата налепница се однесува на возилата со ЕУРО 2, ЕУРО 3 и ЕУРО 4 стандард и тие ќе имаат ограничено движење во денови кога има висока концентрација на загадувачки супстанци.

Црвената ќе биде за ЕУРО 1 и ЕУРО 2 како и возилата без стандард и за нив ќе биде целосно забрането движење во деновите со висока концентрација загаденост.

„Налепницата ќе ја утврди овластена техничка служба. Доколку се утврди дека спротивно на законот се делат тие налепници ќе има соодветни санкции и казни“ објасни заменик министерот за екологија Јани Макрадули при промоцијата на мерката.

Лепенките ќе се добиваат при регистрација на возилата и засега ќе се однесуваат само на автомобилите. Граѓаните ќе треба да ги платат од својот џеб.

„Здравјето е најважно, сите треба да го решаваме проблемот со загадувањето“ вели Макрадули.

Автобусите и камионите во оваа фаза ќе куртулат од мерката.

Налепницата ќе ја утврдува овластена техничка служба која доколку утврди спротивно на законот ќе има соодветни санкции и казни, но парично казнети ќе бидат и возачите за кој ќе се утврди дека возат со налепница која е забранета за тој ден. Износот на казната ќе се движи од околу 300 евра за физички, до илјада евра за правни лица.

Според официјалните податоци над 77% од автомобилите се ЕУРО1, ЕУРО 2 или без стандард што значи дека ќе ја добијат црвената налепница односно забрана за движење во деновите кога воздухот е загаден.

Сообраќајот придонесува со 15% од загадувањето

Студијата „Колку чини животот?” направена од страна на граѓанското здружение Еко-свест покажува дека електричната енергија и топлината придонесуваат со 71% во проблемот со аерозагадувањето, со 15% учествува сообраќајот, производството со 9% и градежниот сектор со само 0.2%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП