24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотрошувачки права: компаниите сфаќаат дека мора да ги почитуваат

Потрошувачки права: компаниите сфаќаат дека мора да ги почитуваат

Купувачот и клиентот се секогаш во право, барем така вели поговорката. Но во суштина правата на потрошувачите и не се почитуваат до крај.

Македонците се повеќе се информирани за нивните потрошувачки права, а и самите компании се свесни дека одговорниот однос кон клиентите е еден од предусловите за успех. Сепак, земјава заостанува зад европските пракси и во овој дел.

Дека свеста се зголемува покажува бројот поплаки кои пристигнуваат на адреса на Организацијата на потрошувачи (ОПМ), лани имало 1.816.

„Најголем број од поплаките се однесуваат на остварувањето на правата за замена на технички производи со недостатоци, и поплаките на потрошувачите за неквалитетни производи кои веднаш пројавиле недостаток. Најголем број од овие проблеми се однесуваат на сервисирањето на технички производи, односно предничат проблемите со мобилните телефони, како проблем со највеќе поплаки во однос на сите други“ се наведува во извештајот на ОПМ.

Граѓаните може да побараат совет и да се пожалат на одреден производ или услуга секој работен ден од 10.30 до 14.00 часот на телефонскиот број на ОПМ: 02 / 3179 – 592.

Освен организацијата на потрошувачи и повеќе државни органи воведоа директни телефонски линии за пријавување на неправилности.

Расипана или храна со изминат рок се пријавува во Агенцијата за храна на 0800 3 22 22.

Виски телефонски сметки или лоша услуга од телекомуникациските оператори се пријавува во Агенцијата за електронски комуникации на 190.

Неиздавање фискална сметка и слични проблеми се пријавуваат до Државниот пазарен инспекторат на 02 / 3220 – 547.

Сепак, остануваат проблемите со неквалитетна техничка стока, со гаранциите, со сервисирањето кои најчесто завршуваат во ОПМ.

„Додека трае гарантниот рок расипаниот производ треба да се сервисира до три пати, а ако повторно се појави дефект треба да се замени со нов, со оглед на тоа што купувате производ со определени употребни својства кои треба да ги има. Расипаното не смее да стои повеќе од 30 дена на сервисирање, а за тоа време треба да се обезбеди соодветна замена“, објаснуваат во ОПМ.

Македонија ги има имплементирано сите европски директиви во оваа област, пред законот муштеријата најчесто има право, но продавачите, сервисерите и давателите на услуги не секогаш го прифаќаат тоа.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП