9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКуба продолжува да губи милијарди од американското ембарго

Куба продолжува да губи милијарди од американското ембарго

Просечната месечна плата во Куба за 2017 година била 767 пезоси или 30,7 долари, соопшти синоќа Националната статистичка служба на земјата, пренесоа агенциите.

Во 2016-та година, просечната плата во оваа карибска земја беше малку пониска – 740 пезоси (29,6 долари). Највисоки се платите во шеќерната индустрија – 1.236 пезоси (49,4 долари), потоа во шумарството – 1.219 пезоси (48,8 долари) и финансиската сфера – 1.048 пезоси (41,9 долари). Најниска е платата во сферата на културата и спортот – 531 пезоси (21,2 долари).

Најголеми плати добиваат во провинциите Хавана, Сиего де Авила, Пинар дел Рио и Вилја Клара, а најниски во Гранма, Гвантанамо и Сантијаго де Куба.

Статистика за платата се води од 2007-ма година. Тогаш просечната плата изнесуваше 408 пезоси (16,3 долари).

Презентираните податоци се однесуваат на вработените во јавниот сектор на економијата. Во моментов, 590.000 Кубанци работат во приватниот сектор или околу 13 отсто од работното население.

Според светските стандарди, платите во Куба се екстремно ниски, но образованието и медицинските услуги на островот се бесплатни. Покрај тоа, функционира и купонскиот систем во земјата. Кубанците секој месец добиваат по субвенционирани цени 3 килограми ориз, половина килограм грав, пакет тестенини, 2 кг шеќер, половина литар млеко од соја, пакет кафе, пет јајца, сол, малку пилешко месо и риба, половина килограм колбаси.

Луѓето кои не добиваат субвенционирани производи може да купуваат во продавници каде што има доста широк спектар, но цените се многупати повисоки.

Купонскиот систем се појави во Куба во 1962-ра година, кога САД воведоа трговско и економско ембарго против Островот.

Ова ембарго доведе до загуба во вредност од 4,321 милијарди долари за Куба во периодот април 2017-та – март 2018-та година, соопштува „Франс прес“, повикувајќи се на извештајот на Министерството за надворешни работи на островот.

За периодот од извештајот, ембаргото предизвика загуби од 4,321 милијарда американски долари за Куба, објави Министерството во официјален текст минатата ноќ.

Бидејќи санкциите од 1962-ра година се во сила, загубите во кубанската економија достигнаа 134,499 милијарди долари, според министерството.

Куба и САД ги обновија односите во јули 2015-та година по повеќе од 50-годишен прекин, но американскиот Конгрес го задржи ембаргото, покрај желбата на тогашниот претседател Барак Обама тоа да биде укинато.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП