3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЧудни податоци - се помалку книги и весници, се повеќе печатници?

Чудни податоци – се помалку книги и весници, се повеќе печатници?

Се помалку книги, списанија и весници; се повеќе кутии, пакувања и амбалажи. Печатниците речиси целосно го сменија својот бизнис модел прилагодувајќи се на она што го диктира пазарот.

Интересот за издавање книги е драстично намален, пад има не само во бројот на наслови туку и во нивните тиражи, а ова особено е изразено последните десетина година. Ова е ставот на најголем дел од менаџерите во печатниците кои се борат да опстојат на пазарот.

„Порано имаше многу повеќе работа, се случуваше да ги вклучуваме пресите и во втора па дури и во трета смена, а сега едвај се исплатува да го започнеш процесот. Намалување има и во бројот на нарачки и во количините кои се бараат од нас. Сепак, некако се бориме и опстојуваме“, вели Петар Стојановски од печатницата Медиа фаст принт.

Сепак, и покрај намалениот обем на работа има зголемување на бројот на печатници. Оваа пазарна нелогичност не можат да ја објаснат ниту оние кои се долги години во овој бизнис.

„Цените по кои работевме беа повисоки пред десетина години отколку што се сега а репроматеријалите се се поскапи и поскапи. Ни мене не ми е јасно зошто повеќе луѓе влегоа во овој бизнис а и ние кои имаме каква таква традиција секој ден се бориме за да опстанеме“, објаснува Стојановски.

Но, најголем дел од новоформираните фирми за печатење се со многу мал обем и се главно фокусирани на потребите на бизнис секторот – изработуваат амбалажи, материјали за репрезентација и слично.

Ова веројатно е и одговорот на чудните статистички податоци – има повеќе печатници и издавачи но тие работат со многу помал обем. Дури ни десетина од ваквите новоформирани компании не можат да се мерат со големите капацитети на некогашните печатарски гиганти кои полека исчезнаа.

Потврда за ова има и во анализата на Сојузот на стопански комори (ССК) која покажува дека во земјава печатарската дејност ја чинат над 90 % мали и околу 10 % средни фирми. Според нивните податоци производството во најголем дел е наменето за потребите на домашниот пазар, извозот на хартија и изработки од хартија години наназад бележи опаѓање, а Македонија и натаму е увозно зависна, во делот на суровината, увозот на целулоза и отпадоци од хартија.

Во просек во Македонија се издаваат по повеќе од две книги секој ден. Ова може да се заклучи од податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) според кои во 2013-та од печат излегле 864 наслови со вкупен тираж од 724.000 примероци. Во 2012-та на секторот му одело подобро – биле издадени 997 наслови со тираж од над 1 милион примероци. За последните неколку години статистичарите немаат изготвено извештаи.

Според ДЗС најпопуларна е белетристиката, речиси една половина од сите книги кои се печатат или по околу 400 наслови отпаѓаат романите, новелите, збирките раскази. Следат учебниците и учебните помагала со по околу 200 наслови. Од друга страна строго стручна литература речиси и не се објавува. Од областите на астрономијата, геологијата или градежништвото годишно се печати по една, а некогаш и ниту една книга.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП