20 јуни, 2025
ПочетнаКОМПАНИИ„Мајкрософт“ подготвува масовни отпуштања

„Мајкрософт“ подготвува масовни отпуштања

„Мајкрософт“ планира да отпушти илјадници работници, првенствено во секторот за продажба, а воедно огромен дел од своите ресурси ќе ги насочи кон развој на вештачка интелигенција (AI), објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори блиски до корпорацијата.

Ова е втор бран отпуштања во последните неколку месеци – претходниот беше спроведен во мај и засегна околу 6.000 вработени.

„Мајкрософт“ ги зголемува своите инвестиции во технологии за вештачка интелигенција за да ја зајакне својата позиција на пазарот, додека компаниите ширум светот се тркаат да имплементираат генеративна вештачка интелигенција. Во слична насока, извршниот директор на „Амазон“, Енди Џеси, изјави дека масовното усвојување на технологиите и агентите за вештачка интелигенција ќе доведе до намалување на бројот на вработени во наредните години.

Според планот за капитални инвестиции, „Мајкрософт“ ќе инвестира дури 80 милијарди долари во текот на оваа фискална година, главно во проширување на центрите за податоци за поддршка на услугите за вештачка интелигенција.

Како што објавува „Блумберг“, новата рунда отпуштања би можела официјално да биде објавена на почетокот на јули, по завршувањето на фискалната година. Компанијата не сакаше да коментира за овие обвинувања. Иако продажните тимови се најпогодени, отпуштањата нема да бидат ограничени само на тој сектор, а точниот датум на објавувањето може да се промени, се додава во извештајот.

„Мајкрософт“ имаше вкупно 228.000 вработени до јуни минатата година, а се очекува дека тој број наскоро ќе биде значително помал, пишуваат „Ројтерс“ и „Блумберг њуз“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар