Пензионерите низ Македонија со нетрпение ја дочекаа веста дека од септември повторно ќе има покачување на пензиите, откако министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, го најави новото зголемување.
Тоа што засега останува нејасно е дали пензиите ќе се покачат процентуално или линеарно, што е значајно бидејќи од овој начин зависи колку вистински ќе почувствуваат подобрување пензионерите кои имаат најниски примања.
На прес-конференцијата каде го претстави предлог-ребалансот на буџетот за 2025 година, Кочоска рече дека годинава трансферот кон Пензискиот и инвалидскиот фонд (ПИОМ) ќе биде околу 50 милијарди денари, со дополнителни 2,5 милијарди планирани со ребалансот.
„Од септември ќе има покачување на пензиите, но сѐ уште не сме разговарале дали тоа ќе биде линеарно или процентуално, иако мојот став е јасен и сум поборник за линеарно зголемување“, изјави Кочоска.
Објаснувајќи ја потребата од ребалансот, министерката посочи дека во првата половина од годината реализацијата на приливите во ПИОМ била послаба од планираната, поради што е потребен дополнителен трансфер за да се компензира ликвидносниот недостаток.
„Проекцијата ќе се оствари, бидејќи немавме усогласување со минималната плата, а платите постојано растат. Од месец во месец имаме поголема наплата на придонеси“, додаде министерката.
Економските експерти велат дека новото покачување е оправдано и неопходно, но потенцираат дека моделот на покачување мора внимателно да се избере, бидејќи не сите пензионери подеднакво би ги почувствувале бенефитите.
„Линеарното покачување би било поздравено од пензионерите кои имаат ниски пензии, но би било помалку прифатливо за оние со високи пензии, кои сметаат дека не е фер секој да добива исто зголемување. Од друга страна, процентуалното покачување би ги фаворизирало пензионерите кои веќе примаат повисоки пензии“, коментираат економистите.
Според нив, клучно е да се најде баланс за да се заштитат најранливите категории, кои тешко преживуваат со моменталните примања.
Пензионерите, пак, се децидни дека зголемувањето, какво и да е, е добредојдено. Сепак, не го кријат фактот дека повеќето од нив едвај успеваат да ги покријат основните животни трошоци, особено поради инфлацијата.
„Ние со пензија од 16.000 денари веќе не знаеме како да го дочекаме крајот на месецот. Линеарното покачување би ни било многу подобро, бидејќи процентуално тоа се многу мали бројки за нас. Сѐ ни поскапе – од храната до лековите“, вели Вера од скопската населба Аеродром, пензионерка со 30 години работен стаж во текстилна индустрија.
Други пензионери, пак, сметаат дека најважно е зголемувањето да биде редовно и стабилно, а не спорадично или само во предизборен период.
„Убаво е што ќе има покачување, но мора да има стратегија за подолго време. Постојано сме во неизвесност – дали ќе има покачување и колку ќе биде. Тоа мора да престане“, додава Томе, пензионер од Кисела Вода.
За пензионерите особено е важно и што Буџетот, според Кочоска, ќе обезбеди дополнителни средства и за зголемување на платите во јавниот сектор, особено во Министерството за внатрешни работи, што дополнително влијае и на подобрување на наплатата на придонесите, како што посочи министерката.
„Имаме покачување на платите во јавниот сектор. Најголем ефект има од Министерството за внатрешни работи, каде платите се покачија за 10 проценти. МВР е најбројно и има околу 12.000 вработени“, потенцираше Кочоска.
Експертите заклучуваат дека зголемувањето на пензиите е позитивен чекор, но останува на властите да изберат најсоодветен модел за да бидат задоволени потребите на пензионерите, особено во услови на зголемени животни трошоци и економска неизвесност.
Б.З.М.