Тато носи, мама меси. Барам работа ама не сакам да најдам. Ова се девизите по кои се водат најголем дел од младите во Македонија кои одбиваат да работат за ниски плати не сфаќајќи дека сепак мора да се почне од некаде, макар и од дното.
Бизнисмените не можат да најдат работници
Многу млади немаат работа, а многу компании не можат да најдат кадар. Ова е парадоксот на македонскиот пазар на труд.
„Јас никако да најдам продавачка. Последната работеше само еден месец и откако ја зема првата плата не се врати ниту се јави. Сега пак сум на почеток“, вели сопственик на бутик во трговскиот центар Буњаковец. „Нудам 15 илјади денари плата, не е многу, но толку можам да си дозволам со оглед на слабата заработка. Би била пријавена на цела сума“, вели тој.
Сличен е примерот и со сопственик на фризерски салон зад Универзалната сала.
„Јас веќе неколку месеци барам помошник – фризер, но не можам да најдам. Оние кои доаѓаат се или мрзеливи или едноставно немаат фат за оваа работа“ вели Александар Пацков, сопственик на фризерски салон.
Сопственик на мини маркет вели дека скопјани се многу попребирливи за работата, најчесто наоѓа продавачи од внатрешноста но во последно време и тоа е проблем.
„Можеби се мали платите, но тоа е реалноста во земјава. Зарем е подобро да седиш дома без пари или колку толку да заработиш“ прашува сопственикот на мини маркет во населбата Тафталиџе. „Нашиве млади се разгалени. Се водат од поговорката ‘тато носи мама меси’ а не од ‘џабе работи џабе не седи’ иако секако позицијата која ја нудат не е за џабе туку е за плата нешто над минималната но толку можам да си дозволам“, вели тој.
На слични маки се и пекарниците кои нудат плати и до 30 илјади денари за мајстори, а нешто над минималната за почетници. Но речиси никој не се нафаќа да го учи овој занает.
Младите навикнати да бараат од мама и тато
Младите пак со сосема спротивно размислување – навредливо е да се работи за 10 или 12 па дури и 15 илјади денари.
29 годишната Татјана Поповска која нема ниту еден ден работен стаж вели дека никогаш не би прифатила работа која не и е по струка или која е за мизерни пари.
„Дипломирав на Економски факултет со просек од над 9 и единствената понуда која ја добив беше да работам на шалтер во Банка за 15 илјади денари. Тоа е премногу голема одговорност и понижување за моите квалификации. Јас завршив банкарски менаџмент а не шалтерско работење“, вели Поповска.
Борис Ѓураковски, пак, е ветеринар. Дипломирал пред 7 години, две години одел на пракса во една од скопските ординации но кога му понудиле да го задржат за 15 илјади денари одбил. Сега и тој седи дома и чека од мама и тато.
„Јас сум доктор по ветеринарна медицина, на Запад би земал илјадници евра плата а овде ми нудат само 250 евра, па толку ќе трошам за храна и превоз да одам до ординацијата во Волково“, вели тој.
Македонија трета во светот по младинска невработеност
Со 50.1% младинска невработеност, Македонија е на трето место во светот по невработени млади во листата што неодамна ја објави Светската банка, а која се повикува на процените на Меѓународната организација на трудот за 2017 година.
Со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54.2% и Босна и Херцеговина со 67.5%.
Од регионот, пак, освен Босна најголема младинска невработеност има Грција (47.4%), Србија (33.7%), Хрватска (29.4%), Словенија (15.4%), Бугарија (15.0%).
Според дефиниција млади невработени се лицата од 15 до 24 години кои се подготвени да работат и кои презеле активности да најдат работа во последните четири недели.
Илјадници слободни работни места
Преку сајтот на Агенцијата за вработување (АВРМ) во просек секој ден има по 7 до 8 илјади активни огласи со слободни позиции.
Најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија, трговијата и градежништвото, а најбарани занимања се продавач, работник во погон и општ работник.
Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.
Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.
Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.
К. Н.