Македонија има 125 метри автопат на илјада жители или вкупно 242 километри и уште 132 во фаза на градба. Новите делници ги следат низа проблеми и пролонгирања но како конечно да се наѕира комплетирањето и на овие проекти.
Македонија има 125 метри автопат на илјада жители
Вкупната автопатска мрежа во Македонија во моментов е долга 242 километри. Со тоа земјава има приближно 10 метри автопат на илјада квадратни километри или 125 метри на илјада жители.
Главниот автопат е А1 (до неодамна наречен „Александар Македонски“ а сега „Пријателство“). Тој е долж Коридорот 10 и ја поврзува северната граница со Србија и јужната со Грција. Првиот дел е почнат уште во 1979-та година, а последниот од Демир Капија до Смоквица долг 28 километри е во завршна фаза и треба да биде пуштен во употреба наредниот месец. Се градеше од 2012-та година. Со него целосно се заокружува оската Север – Југ на ниво на автопат.
По Коридорот 8 засега на ниво на автопат е поврзано Скопје со Тетово и Гостивар, а овде влегува и обиколницата на северната страна од главниот град. Ознаката на овој пат е А2, а уште се именува и како „Мајка Тереза“. На 25 километарското растојание меѓу Тетово и Гостивар автопатот има по 2 ленти во двата правци, но е без помошна лента, па според некои стандарди е категоризиран како експресен пат. Во тек е изградба и на делницата од Кичево до Охрид долга 57 километри која повторно доби нов рок за завршување, 2021 година.
Во моментов се работи и на автопатската делница А4 долга 46 километри од Миладиновци до Штип која треба да биде готова до септември годинава и која го носи името „Гоце Делчев“.
Кога ќе завршат тековните проекти вкупната автопатска мрежа во Македонија ќе биде долга 374 километри што е зголемување од речиси 50% во однос на моменталната состојба.
Повторно нов рок за Кичево – Охрид
Владата донесе одлука за склучување на анекс на договорот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид со кинеската компанија Синохидро. Со него рокот за изведба е продолжен до 31 јуни 2021 година.
Ќе треба да се направат измени во проектната документација, вклучувајќи го тунелското решение, препроектирањето на сите усеци, но и на повеќе вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, натпатници, потпатници, плочести и цевасти пропусти, како и за девет клучки кои воопшто ги нема во актуелниот прокт.
„Сакам да нагласам дека овој анекс се однесува само за продолжување на рокот. Не се однесува за дополнителните средства бидејќи се уште се прават сеопфатни анализи колку би чинел дополнително“ изјави министерот Горан Сугарески.
Откако ќе завршат процените ќе мора да се склучи дополнителен анекс со кој ќе се регулира дополнителната сума што државата ќе треба да ја плати.
Досегашната вредност на автопатот изнесуваше 374 милиони евра, но постои можност ваквата сума да биде надмината и за над 120 милиони евра.
Делницата почна да се гради во февруари 2014-та, а првичниот рок за комплетирање беше јануари 2018-та.
Доцни и Миладиновци – Штип
Претходно беше пролонгирана и изградбата на делницата од Миладиновци до Штип. Новиот рок е септември годинава, а првичниот беше мај лани.
Во септември Владата склучи анекс на договорот со кинескиот изведувач Синохидро. Тогаш беше објаснето дека изведувачот побарал дополнителен рок.
„Како и на другите автопати, изградбата и на овој автопат ја следеа низа проблеми и поради таквите проблеми претходната влада не успеа да го изгради во рокот предвиден со законот“ изјави во септември лани министерот за транспорт Горан Сугарески.
При изградбата се јавила потреба за дислокација на електрични столбови, дополнителна експопријација на земјиште и свлечиште.
Пробивања и на Демир Капија – Смоквица
Трасата на оваа делница е веќе завршена, но пуштањето во употреба неколку пати се одложуваше поради други технички проблеми. Новиот рок која си го зададе владата е наредниот месец.
Изградбата на контролниот центар во Неготино и дислокацијата на далекуводот се веќе завршени, а комплетирана е во целост електрификацијата и неопходната сигнализација на автопатот.
Оваа делница е долга 28 километри и чини 280 милиони евра. Ја гради грчката компанија Актор. Се гради од 2012 година. Првично требаше да биде готова во 2016-та.
Грција прва, Црна Гора последна во регионот
Со готови 242 километри автопат и уште 132 во изградба Македонија е некаде на средина споредено со државите од регионот.
На прво место е Грција со вкупна должина на автопатска мрежа од 2.520 километри, следува Турција со 2.289, па Хрватска со 1.254, Бугарија со 805, Србија со 620, Словенија со 612, Албанија со 271, Косово со 98, Босна со околу 40 километри, а на последно место е Црна Гора која засега нема ниту еден километар комплетиран автопат.
На ниво на Европа најголема автопатска мрежа имаат Шпанија (околу 16 илјади километри), Германија (13 илјади) и Франција (12 илјади).
Во светот број еден е Кина (131 илјади километри), па Соединетите Држави (77 илјади) и Канада (17 илјади).
К. Н.