Инфлацијата во еврозоната падна на 1,9% во мај, што е под целта од 2% поставена од Европската централна банка (ЕЦБ), според податоците на Евростат објавени во вторникот. Падот на инфлацијата дополнително ги зајакна очекувањата дека ЕЦБ ќе ги намали каматните стапки оваа недела по осми пат од минатиот јуни.
Во споредба со април, кога инфлацијата изнесуваше 2,2%, е забележан значителен пад благодарение на пониските цени на енергијата и забавувањето на растот на цените на услугите. Податоците покажуваат дека таканаречената базична инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, паднала на 2,3% од претходните 2,7%. Забавувањето на растот на цените на услугите е особено забележливо – од 4% во април на 3,2% во мај.
Овој тренд ги охрабрува очекувањата дека ЕЦБ повторно ќе ги намали референтните каматни стапки на седницата во четврток, особено во контекст на слабата побарувачка, бавен раст на платите, стабилно евро и бавно економско закрепнување.
Некои економисти веруваат дека инфлацијата би можела да продолжи да паѓа под целното ниво во текот на целата година, без значително закрепнување до 2026 година. Сепак, среднорочните и долгорочните прогнози за инфлација значително се разликуваат, бидејќи глобалните економски тензии и геополитичките фактори се закануваат повторно да ги зголемат притисоците врз цените.
Затоа инвеститорите проценуваат дека ЕЦБ, по очекуваното намалување во јуни, ќе направи пауза и евентуално ќе спроведе само уште едно намалување до крајот на годината, веројатно на есен. Тековните каматни стапки се сметаат за „неутрални“, ниту го стимулираат ниту го забавуваат економскиот раст, што е дополнителен аргумент за претпазливост и чекање за разјаснување на ефектите од променливата трговска политика на Соединетите Американски Држави.
Економските аналитичари предупредуваат дека фактори како што се трговските војни, зголемувањето на царините, деглобализацијата и реструктуирањето на глобалните синџири на снабдување би можеле да ги зголемат цените на долг рок. Дополнителен притисок може да предизвикаат демографските трендови – намалувањето на населението во работоспособна возраст – како и големите јавни расходи за одбрана и климатските промени.
Иако ЕЦБ ја таргетира среднорочната инфлација, што подразбира период од една до две години, креаторите на монетарната политика би можеле да бидат принудени да интервенираат ако проценат дека падот на цените ја загрозува стабилноста на долгорочните инфлациски очекувања, објавува Ројтерс.