Основачот на американскиот ИТ гигант Мајкрософт Бил Гејтс изјави дека ќе го потроши поголемиот дел од своето богатство за подобрување на здравствените и образовните услуги во Африка во следните 20 години.
69-годишникот рече дека „со ослободување на човечкиот потенцијал преку здравството и образованието, секоја земја во Африка треба да биде на патот кон просперитет“, објави Би-Би-Си.
Зборувајќи во главниот град на Етиопија, Адис Абеба, тој исто така ги повика младите африкански иноватори да размислат како да изградат вештачка интелигенција (AI) за да го подобрат здравството на континентот.
Гејтс минатиот месец веќе објави дека ќе подарува 99 проценти од своето огромно богатство – за кое очекува да достигне 200 милијарди долари (150 милијарди фунти) – до 2045 година, кога неговата фондација планира да ги затвори своите операции.