„Седев на пауза на работа, пиев кафе и размислував за летото – дали ќе успеам конечно да одам дома. И тогаш добив порака од брат ми: ‘Тато замина. Вчера вечер’. Не знаев што да правам. Само ми се стемни пред очи“.
Вака ја започнува својата болна исповед Кристијан, 32-годишен печалбар од Македонија кој веќе шест години живее и работи во Германија.
Да се биде далеку од семејството е секојдневна борба за сите што заминале по подобра иднина надвор од родната земја.
Но има еден ден, еден час, кога сè станува потешко од било кога – оној момент кога ќе дознаеш дека некој твој, некој што те носел во раце, што ти го познавал првиот плач и првиот чекор, повеќе не е жив. А ти не си таму.
„Во тој момент човек не знае ни како да дише. Не знаев дали да тргнам веднаш, дали ќе стигнам. Сакав само да можам да го видам, барем за последен пат“, вели Кристијан.
Но административните процедури, скапите авионски билети и неподобните термини често ја прават ситуацијата уште потешка.
„Сите ми велеа – нема да стигнеш. Погребот е утре. Тоа беше најтешкото. Да се помириш дека не можеш да се збогуваш“.
Оваа болка е заедничка за многу Македонци во дијаспората.
Трајче од Канада раскажува дека дознал дека мајка му починала преку видео повик.
„Сестра ми не знаеше како да ми каже. Ми ја покажа свеќата што ја запалија дома. Ја видов мајка ми во ковчег преку камера“.
Психолозите предупредуваат дека ваквото искуство остава длабоки емоционални последици.
Според психологот Сања Љубеновиќ, луѓето кои не можат да присуствуваат на погреб или да се простат со блиските честопати доживуваат „одложена тага“, која подоцна се манифестира како анксиозност, вина или депресија.
„Иако тие се заминати со цел да обезбедат подобар живот за семејството, кога ќе се случи трагедија, се чувствуваат како да ги изневериле. Тоа е емоционален товар што не се лечи лесно“, додава Љубеновиќ.
Се поставува и прашањето за државна поддршка – брзи визи, евтини летови, олеснување на процедурите за вакви итни случаи. Многумина се чувствуваат заборавени и оставени сами со својата болка.
Во дигиталната ера, блискоста е на клик растојание, но ништо не може да ја замени топлината на еден последен поглед, на една стегната рака, на едно „прости ми“ кажано во живо. А кога тоа е невозможно, останува само тишината – длабока, глува и долга. И фотографијата на ѕидот која повеќе не те чека, туку само гледа.
Б.З.М.