Европската унија и Јапонија настојуваат договорот за слободна трговија што го планираат, да стапи во сила во почетокот на 2019-та година, во најдобар случај – пред Велика Британија да ја напушти Заедницата. Ова го рекоа преговарачите од двете страни, цитиран од „Ројтерс“.
Договорот, постигнат од преговарачите во минатата година, најверојатно, ќе биде претставен пред јапонскиот парламент подоцна во оваа година, што ќе овозможи да биде ратификуван до крајот на годината. Ова го изјави амбасадорот на Јапонија за меѓународни економски прашања, Јоичи Сузуки.
„Многу важен приоритет е (договорот) да стапи во сила пред крајот на март 2019-та година“, рече тој на конференцијата во Брисел, истакнувајќи го планираниот датум на „Brexit“.
Доколку договорот стапил на сила пред тој датум, тој може автоматски да ја покрие Велика Британија во транзициониот период од околу две години.
Европските и јапонските преговарачи можеби ќе можат да го потпишат договорот до лето, рече комесарот за трговија на ЕУ, Сесилија Малмстром.
Договорот треба да биде преведен на сите јазици на ЕУ, за што на преведувачите се дадени само два месеци наспроти вообичаениот период од седум-осум месеци, додаде главниот европски преговарач Мауро Петричоне.
Јапонија го следи внимателно „Brexit“ и идните односи меѓу Велика Британија и Заедницата, бидејќи многу од нејзините автомобилски компании го опслужуваат европскиот пазар од британски бази и се потпираат на слободна и непречена трговија меѓу Обединетото Кралство и континентот.
Според зборовите на Сузуки, ако договорот за слободна трговија Јапонија-ЕУ стапи на сила во преодниот период на Велика Британија, тогаш ова ќе му обезбеди на Токио време да постигне одделен трговски договор со Лондон.
Во ЕУ, брзата имплементација ќе зависи од релативно брзата дебата и одобрението во земјите-членки и Европскиот парламент.