23 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар го совлада Пик Сегед и се зацврсти на лидерската позиција

Вардар го совлада Пик Сегед и се зацврсти на лидерската позиција

Вардар на домашен терен го совлада Пик Сегед со 34:30 во тежок и неизвесен натпревар од Лигата на шампионите.

Европскиот првак со деветата победа и по вчерашниот пораз на Нант во Загреб се зацврсти на лидерската позиција во групата А и е на чекор до директниот пласман во четвртфиналето во ЛШ.

Во првото полувреме избраниците на Раул Гонзалез отворија со серија од 3:1 преку головите на Марсениќ и Дибиров, но унгарскиот вицепрвак веднаш возврати и поведе со 3:4. Брзата и ефикасна игра на двете страни донесе серија голови и неколку изедначувања во првата четвртина од натпреварот и промена на водството со минимална гол предност. Неизвесноста беше дополнета и со ефектните одбрани на голманите на двата тима Арпад Штербик и Хозе Мануел Сиера.

Меѓутоа Македа и Шишкарев им овозможија на „црвено-црните“ да заминат со предност од 16:14 на полувремето.

Вардар продолжи во исто темпо и во второто полувреме и на самиот старт прв пат дојде до три голови позитива поведувајќи со 17:14, а во 35. минута имаа водство од 19:15.

Но унгарскиот тим во 40. минута намали на 22:20, а во средината на второто полувреме ја намали разликата на минус еден (25:24). Вардар потоа постигна два гола во серија и повторно се врати на безбедна дистанца која ја одржуваше до крајот на натпреварот. Пик Сегед двапати се обиде да израмни, но не успеа во тоа и на крајот Вардар поведе со високи 33:29.

На висина на задачата беше и Страхиња Милиќ кој во вториот дел го замени Штербик на голот.

Тимур Дибиров со 11 погоди беше најефикасен во редовите на „црвено-црните“.

Вардар по 12. коло има 20 бода, односно три повеќе од Нант и четири од Барселона. До крајот на групната фаза остануваат уште два меча, против Нант на гостински терен и на домашен терен со Висла Плоцк.

Вардар во следното коло му гостува на Нант, за кого настапува Кирил Лазаров.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП