19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ донесе одлуки за усогласување на домашната регулатива со базелските стандарди и...

НБРМ донесе одлуки за усогласување на домашната регулатива со базелските стандарди и принципи, како и заради усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за банките

Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата втора седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај, при што беше утврдено дека во последното тримесечје од 2017 година Народната банка не ја промени поставеноста на монетарната политика и основната каматна стапка се задржа на нивото од 3,25%. Исто така, тековната монетарна поставеност се оценува како соодветна, во услови на натамошна стабилност на економските основи и отсуство на нерамнотежи во економијата. Најновите податоци не укажаа на поголеми отстапувања во однос на проекциите во сегментите коишто се клучни за монетарната политика.

Советот констатира дека  податоците за надворешниот сектор изразени преку позицијата на билансот на плаќања покажуваат умерено подобри остварувања во однос на проекциите кај тековната сметка, додека позицијата на финансиската сметка е понеповолна од очекуваната. Во третиот квартал од 2017 година, тековната сметка забележа суфицит од 183,1 милион евра, што претставува 1,8% од БДП и е повисок во споредба со октомвриската проекција, одразувајќи го понискиот дефицит кај салдото на стоките и услугите од очекуваниот. Од друга страна, во рамки на финансиската сметка се остварени нето-одливи од 278 милиони евра, односно 2,7% од БДП, што претставува послабо остварување во однос на очекувањата во октомври минатата година, во услови на позначајни негативни отстапувања кај странските директни инвестиции и трговските кредити. Анализирајќи од гледна точка на динамиката, во третиот квартал од 2017 година салдото на тековната сметка бележи подобрување на годишна основа, при повисок суфицит кај услугите и кај секундарниот доход. Кај финансиската сметка се остварени нето-одливи, наспроти високите нето-приливи во третиот квартал од 2016 година кога беше издадена петтата еврообврзница. Најновите податоци за бруто девизните резерви за четвртото тримесечје од минатата година упатуваат на квартален раст, што е подобро остварување од очекуваното во октомвриските проекции. Објавените податоци за БДП за третиот квартал од 2017 година покажуваат годишен раст на БДП од 0,2%, што претставува нешто пониско остварување од проектираната стапка од 0,7%.

Во втората половина од 2017 година дојде до забрзување на годишниот раст на домашните цени од 1,6% во третиот на 2,2% во четвртиот квартал. За цела 2017 година, стапката на инфлација изнесува 1,4%, и генерално е во рамки на октомвриската проекција на просечна инфлација од 1,3%. Инфлацијата во 2017 година речиси во целост се должи на растот на базичната компонента, во услови на неутрален придонес од прехранбената и минимален позитивен придонес од енергетската компонента. Во услови на остварувања коишто главно се во склад со проекцијата, ризиците околу очекувањата за инфлацијата за 2018 година и 2019 година, и натаму се поврзани со неизвесноста околу очекуваното движење на цените на примарните производи.

Советот заклучи дека остварувањата не отстапуваат значително од основното сценарио во сегментите коишто се клучни за монетарната политика, при што и понатаму се задржани оцените за стабилност на економските основи. Воедно, тековниот биланс на ризици се оценува како поповолен во однос на октомвриските проекции. Податоците за економската активност за третиот и расположливите податоци за четвртиот квартал од минатата година упатуваат на постепено подобрување на состојбата во економијата. Ваквите поместувања испраќаат сигнали за понатамошно стабилизирање на очекувањата и довербата на домашните економски субјекти. Надворешната позиција на економијата и понатаму се оценува како стабилна, при што движењата кај девизните резерви се поволни, а показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици за остварувањето на проекцијата, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи состојбите, заради навремено и соодветно приспособување на монетарната политика.

На седницата, Советот ги разгледа и ги донесе Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, Одлуката за изменување и дополнување  на Одлуката за издавање согласности и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за издавање дозволи. Овие одлуки се донесени со цел усогласување на домашната регулатива со базелските стандарди и принципи, како и заради усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за банките.

Со Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, со цел усогласување на домашната регулатива и со одредбите од европската директива и регулатива, како и поради подетално и попрецизно определување на одредени аспекти на корпоративното управување во деловните банки, се воведуваат неколку новини меѓу кои најзначајни се: зголемување на значењето и улогата на надзорниот одбор; воведување обврска за редовна оцена на соодветноста на членовите на надзорниот одбор, управниот одбор и останатите лица со посебни права и одговорности; зајакнување на барањата за системот за наградување во деловната банка преку детално уредување на содржината на политиката за наградување во банката; зајакнување на барањата на системот на внатрешна контрола и подетално дефинирање на улогата и значењето на функциите на контрола, односно управувањето со ризиците, контролата на усогласеноста со прописите и внатрешната ревизија.

Во Одлуката се дефинирани одговорностите на надзорниот одбор, како и составот и начинот на неговото работење. Во делот на одговорностите, особено внимание му е посветено на воспоставувањето окружување во кое се промовираат корпоративната култура и вредности преку етички кодекс со кој се дефинираат стандардите и етичките норми коишто треба подеднакво да ги применуваат лицата со посебни права и одговорности и останатите вработени во деловната банка.

Со Одлуката е пропишано дека во зависност од големината на деловната банка, природата на финансиските активности што ги врши и ризиците на кои е изложена во своето работење, нејзиниот надзорен одор треба да определи еден член на управниот одбор којшто ќе биде одговорен за следење на управувањето со ризиците. Овој член на управниот одбор задолжително ќе биде член и на Одборот за управување со ризиците и не смее да биде надлежен за активности коишто претставуваат преземање ризици. Исто така, во случај на негово разрешување, банката задолжително ја известува Народната банка за причините за неговото разрешување. Со овие одредби се врши усогласување со меѓународните барања во овој домен, особено со принципот 14 од Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија.

Една од позначајните новини коишто се воведуваат со оваа одлука е јасното дефинирање на целите на системот на внатрешна контрола и на трите функции на контрола: управувањето со ризиците, контролата на усогласеноста на работењето на деловната банка со прописите и внатрешната ревизија, особено од аспект на надлежностите на надзорниот и управниот одбор за нивно ефикасно функционирање.

Во Одлуката се дефинирани и јасни насоки околу начинот и содржината на податоците за корпоративното управување во деловната коишто треба да бидат објавени и транспарентни за јавноста, како и содржината на информациите и податоците за корпоративното управување и роковите за нивно доставување до Народната банка.

Со оглед на времето потребно за усогласување со одредбите на новата одлука, предвидено е таа да започне да се применува од 1 јули 2018 година.

            Измените и дополнувањата на Одлуката за издавање согласности се прават и заради понатамошно подобрување на ефикасноста на постапките за издавање согласности коишто ги спроведува Народната банка и заради понатамошно усогласување и со базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија и базелските принципи за корпоративно управување. Со измените појасно се определуваат документите коишто деловната банка е должна да ги поднесе со барањето за издавање согласност. Согласно со последните измени и дополнувања на Законот за банките, како и со базелските принципи за корпоративно управување, членовите на надзорен одбор на деловна банка треба да имаат соодветни знаења и искуство за извршување на своите надлежности, да избегнуваат судир на интереси и да можат да посветат доволно време за извршување на обврските што произлегуваат од надлежностите, да имаат знаења и искуство потребни за независен надзор на работењето на банката, разбирање на активностите што ги врши банката и на материјалните ризици на кои е изложена. Исто така, членовите на управниот одбор на деловна банка треба да поседуваат стручни знаења и искуство потребни за независно управување на банката, а особено за разбирање на активностите што ги врши банката и на материјалните ризици на кои е изложена. Имајќи ги предвид ваквите барања, со измените и дополнувањата на одлуката се предвидува обврска за деловната банка, во постапките по поднесени барања за издавање согласност за именување член на надзорен одбор и член на управен одбор, до Народната банка да ја достави и оцената на соодветноста на предложениот член. Оценувањето на соодветноста, коешто треба да го спроведе банката, се однесува на исполнувањето на поединечните критериуми за член на надзорниот, односно управниот одбор и на соодветноста на предложениот член заедно со останатите членови на надзорниот, односно управниот одбор.

Меѓу другото, со измените се прави проширување на околностите врз основа на кои се дава оцената дали лицето предложено за член на надзорен или управен одбор на деловна банка има соодветна репутација, така што се додава дека поседувањето соодветна репутација подразбира дека за лицето нема доказ за непочитување на правилата за добро корпоративно управување и договорните обврски кон банката или други правни лица, несоодветна соработка или одбивање да соработува со надлежни органи, вклучувајќи и супервизорски органи, одбивање, одземање или повлекување согласност за вршење одредена функција. Ваквите измени произлегуваат од измените на Законот за банките и се во согласност со меѓународните стандарди од овој домен. Се додаваат и одредби со кои попрецизно се уредува основата врз која се темели оцената за тоа дали се исполнети критериумите за посветување доволно време за извршување на обврските, дали се избегнува судир на интересите и врз што се темели оцената за соодветноста на надзорниот, односно управниот одбор како целина.

Со цел усогласување со базелските стандарди за ефикасна банкарска супервизија, се дополнуваат одредбите од Одлуката коишто се однесуваат на издавањето согласност за стекнување капитален дел во друга банка и за основање или стекнување капитален дел во небанкарска финансиска институција или нефинансиска институција. Се предвидува Народната банка да оценува дали постоењето блиски врски во организациската или сопственичката структура на деловната банка или во институцијата во која се стекнува капитален дел го отежнува извршувањето ефикасна супервизија и преземањето корективни мерки, на поединечна или на консолидирана основа. Исто така, во овие постапки, како и во постапката на издавање согласност за основање подружница или филијала на банка во странство, се додава дека Народната банка прави оцена на супервизорските прописи и практики на странската земја од аспект на остварување соработка со надлежниот супервизорски орган во поглед на спроведувањето администрација, преземање други мерки за решавање на состојбите, повлекување согласности, укинување на дозволата за статусни промени или укинување на дозволата за основање и работење.

Со измените и дополнувањата на Одлуката за издавање дозволи се врши натамошно усогласување на домашната регулатива и со базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија коишто се однесуваат на постапките за лиценцирање. Притоа се имаа  предвид и препораките на „FinSAC“ (World Bank Financial Sector Advisory Center) содржани во оцената којашто, на барање на Народната банка, оваа институција ја спроведе во септември 2016 година, а чија цел беше оцена на регулаторната рамка и ефикасноста на постапките за лиценцирање, како и степенот на нивната усогласеност со Базелски принципи за ефикасна банкарска супервизија.

Со цел усогласување со измените на Законот за банките од октомври 2016 година, со измените и дополнувањата се проширува и обемот на документацијата за издавање дозвола за основање и работење на деловна банка, во однос на содржината на стратегискиот и оперативниот план на банката, која се доставува до Народната банка, како и на листата на пишаните политики и процедури за нејзината работа. Од аспект на оцената за потребните квалификации, искуство и репутација  на членовите на надзорниот и управниот одбор, се бараат информации согласно со регулативата на Народната банка за примена на правилата за добро корпоративно управување.

Заради усогласување со основните критериуми при лиценцирање од петтиот базелски принцип за ефикасна банкарска супервизија, со Одлуката е предвидено при одлучувањето за издавање дозвола на деловна банка, покрај останатото, Народната банка да оценува и дали постоењето блиски врски во организациската или сопственичката структура на банката или во групата на која ѝ припаѓа не го отежнува извршувањето ефикасна супервизија и преземањето корективни мерки, на поединечна или на консолидирана основа. Предвидена е и оцена на супервизорските прописи и практики на земјата од каде што доаѓа странската банка во поглед на спроведувањето администрација, преземање други мерки за решавање на состојбите, повлекување согласности, укинување на дозволата за статусни промени или укинување на дозволата за основање и работење.

Во однос на документацијата и останатите информации и податоци потребни за спроведување на одлуката, позначајна новина се дополнителните одредби коишто се однесуваат на појаснување на постапката во случај кога законодавството на земјата од која доаѓа странското лице кое има намера да основа банка поинаку ја регулира материјата во врска со документацијата која се доставува кон барањето за издавање дозволи.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП