24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБуџет 2018 - поскап дизел за граѓаните, повисоки плати за административците

Буџет 2018 – поскап дизел за граѓаните, повисоки плати за административците

Поскап дизел за 3.5 денари, повисоки плати за армијата, здравството, образованието и горе долу исто пари за инфраструктурни проекти. Ова се основите за предлог – буџетот за следната година. Прогресивното оданочување е одложено дури за 2019-та.

Основни постаменти: раст од 3.2%, дефицит од 2.7%

Раст на економијата од 3.2%, инфлација од 1.7% и дефицит од 2.7%. Ова се основните постаменти на кои се темели предлог – буџетот за следната година. Во 2018-та Владата планира и да собере и да потроши повеќе пари од 2017.

Вкупните буџетски приходи се проектирани на 3 милијарди и 140 милиони евра или 4.7% повеќе од годинава. Расходите треба да бидат 3 милијарди и 440 милиони евра или 4.1% повеќе.

Приходи: повисоки акцизи – дизелот ќе поскапи за 3.5 денари

Главната промена на приходната страна на буџетот се зголемените акцизи за нафтата. Од први јануари тие ќе бидат повисоки за 3 денари, а ако на ова се додаде и ДДВ-то вкупното поскапување ќе достигне 3.5 денари.

Причина за зголемување според министерот за финансии биле европските препораки за заштита на животната средина и намалување на загадувањето. Тврди дека ова нема да поттикне општ раст на цените.

„Тоа едно мало делче, ние во нашата проекција за инфлација од 1.7% го предвидуваме. Јавноста треба да биде мирна, не очекуваме никакво поскапување“ вели Драган Тевдовски, министер за финансии.

Со зголемување на акцизата и ДДВ-то цената на дизелот ќе биде повисока за 3,5 денари. Очекуваниот ефект во Буџетот ќе изнесува 26 милиони евра, а од ДДВ-то уште дополнителни 5 милиони.

Повеќе пари во државната каса ќе се обезбедат и со зголемување на максималната основица за плаќање социјални придонеси. Досега оние со плата поголема од 12 бруто плати месечно плаќаа само персоналец. Оваа граница ќе биде подигната на 16 плати.

Расходи: повеќе пари за администрација и за општините

Расходната страна на буџетот ја карактеризираат плановите за зголемени плати од 10% во армијата и од 5% во здравството и образованието, како и планираните нови вработувања во јавниот сектор пред се во детските градинки. Само за оваа намена се планирани 1.7% повеќе пари односно 440 милиони евра.

Капиталните инвестиции односно инфраструктурните проекти се малку помали во однос на буџетот за 2017-та, но малку поголеми во однос на ребалансите кои тој ги претрпи. За оваа намена треба да се потрошат 433 милиони евра. Од нив речиси 57 милиони се за патишта и железници, речиси 96 милиони за гасоводи, водоводи, пречистителни станици, 7 милиони за слободните индустриски зони. Во оваа сума не влегуваат парите за автопатските делници од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид кои се финансираат преку Агенцијата за патишта.

Буџетските трансфери, во кои влегуваат и директните плаќања од државната каса во Фондот за пензиско, се проектирани на 2 милијарди и 175 милиони евра или 5.2% повеќе.

Субвенциите за земјоделците треба да достигнат 136 милиони евра. Расходите за стоки и услуги се намалени за 2.4% односно за 6.8 милиони евра.

Бизнисмените, синдикатите и експертите со забелешки

Ова е само предлог – буџет кој за прв пат отиде на јавна расправа. На неа бизнисмените, синдикатите и аналитичарите излегоа со бројни забелешки и предлози.

Стопанската комора на Северозападна Македонија за главен приоритет го има поврзувањето со Косово.

„Не гледаме ставка за изградба на автопатот Скопје – Блаце, тоа е неопходно за развој на бизнисот“, вели Дрилон Исени од Стопанска комора на северозападна Македонија.

Синдикатите, пак, реагираа дека повторно не се предвидени пари за исплата на К-15 во јавниот, ниту за прилагодување на примањата во дел од другите сектори.

„Во фаза на изготвување е колективен договор за шумската и затворската полиција, тие луѓе поседуваат оружје и би требало да имаат 20% поголема плата но тоа не е предвидено“ вели Марјан Ристевски од Конфедерацијата на слободни синдикати.

За дел од аналитичарите првичната оценка е дека буџетот е развоен, но инсистираат на целосно искористување на средствата предвидени за капитални инвестиции. Според нив, сепак, спорна е ненадејната одлука за раст на акцизите.

„Акцизата ненадејно порасна, кои беа вашите калкулации, дали имате конкретни пресметки и анализи за потенцијални инфлаторни притисоци по ова“ запраша Благица Петрески, универзитетски професор.

НБРМ: вгодина раст од 3.2% и инфлација од 2.0%

И Народната Банка денеска излезе со проекции за следната година. Според нив растот на економијата треба да достигне 3.2% а инфлацијата 2.0%.

Но, овде не влегува најавеното зголемување на акцизите за нафтата кое НБРМ не го зело предвид при подготовката на анализата бидејќи не биле информирани. Сепак, првичните површни пресметки покажуваат дека ова не би предизвикало значителни поскапувања и на другите производи.

„Ефектот директен не е голем. Индиректниот во овој момент не можеме да го процениме, индиректниот бидејќи дизелот се користи во добар дел од економијата како инпут, но сепак остануваме на проекцијата од два проценти и сметаме дека нема да има позначително нарушување“ изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

НБРМ очекува наредната година економијата да се стабилизира, растот да достигне 3.2% – треба да биде поттикнат од нови странски инвестиции во производни, извозно ориентирани капацитети, но и во раздвижување на личната потрошувачка.

„За следната година се очекува стабилен амбиент и исцрпени ефекти од домашната политичка криза. Се очекува подобрување на надворешното опкружување, што ќе се услови зголемување на извозот, забрзување на инвестициите во инфраструктурата и зголемување на странските инвестиции, како и зголемена доверба на домашните субјекти. Под претпоставка за целосно стабилизиран домашен амбиент и поповолна патека на надворешните фактори, во наредните две години се очекува забрзување на растот, при што и понатаму се очекува домашната економија да расте побрзо од економијата на трговските партнери“ рече Богов.

За оваа година општата слика останува негативна – и во третиот квартал резултатите ќе бидат лоши пред се поради падот на индустриското производство и на градежништвото. 2017-та според НБРМ би завршила со вкупен раст од само 0.5% пред се поради стагнацијата во првиот квартал и падот од 1.8% во вториот.

„Сметаме дека со остварувањето кое што е во првата половина од годината од 0.9 отсто можеме да дојдеме до 0.5 проценти“ рече Богов.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП