26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПушење на летните тераси - угостители притискаат, граѓани негодуваат

Пушење на летните тераси – угостители притискаат, граѓани негодуваат

Угостителите притискаат да се донесат предложените измени на законот за пушење тврдејќи дека со тоа би им се поттикнал бизнисот. Голем дел од граѓаните се против – велат дека постојаното решение е солидно. Во Македонија има 4.383 угостителски објекти со 19.718 вработени. Овој бизнис годишно врти над 70 милиони евра!

Угостителите сметаат дека бизнисот би се поттикнал со предложените измени на законот за пушење кои предвидуваат пушењето да биде дозволено и на терасите и летните бавчи заградени со паравани и најлони.

Во предлог измените на законот за заштита од пушењето стои дека се брише делот „исклучиво доколку просторот е покриен и отворен најмалку од три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со натстрешници, чадори и слично, а кој странично е заграден“, со што останува само дека се забранува пушењето во јавните простории. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично).

Сепак додека угостителите тријат раце јавност негодува. Граѓаните поведоа и интернет петиција која веќе собра над 10 илјади потписи.

„Да не дозволиме да се упропасти еден од ретките закони кој е во одбрана на човековото здравје. Дали профитот на мал број луѓе вреди колку здравјето и животот на само еден човек?“, стои во повикот.

Се уште е неизвесно дали ќе поминат овие измени со оглед на тоа што и Министерството за здравство даде негативна оценка за нив.

„Штетните последици од пушењето се познат ризик и според тоа Министерството за здравство не може да промовира либерализација и да поддржува политики штетни за здравјето на луѓето. Пушењето е личен избор, но пасивното не е“, велат од Министерството за здравство.

Иако во овој момент во сила е постојното законско решение веќе може да се забележи дека со промената на власта во повеќето ресторани и кафулиња тоа не се почитува – односно угостителите почнаа да дозволуваат пушење и во целосно затворените тераси.

И покрај предизвиците угостителите начелно се задоволни, велат дека бизнисот им оди добро иако секогаш може и повеќе а тоа би се постигнало и преку ваквите законски измени.

„Во секој бизнис има успони и падови. Имало години кои биле многу убави за работа. Народот бил поопуштен, бизнисот бил подобар малку, на повисоко ниво. Сме имале успешни години, но тука е работата што мора некако да се прилагодиш и да испливаш“ вели сопственик на кафуле во скоско Дебар Маало.

За да се опстои во овој бизнис треба постојано да се вложува во добра услуга и квалитет велат угостителите според кои многу е важно и да се има знаење, искуство и посветеност.

„Ние строго се држевме до нашата услуга, нашиот квалитет и правилен угостителски режим. Клиентелата го прифати тоа и ние ја постигнавме нашата цел – сите генерации да се присутни, дали на кафе, ручек или нешто слатко” објаснува менаџер на ланч бар во скопски Аеродром.

Во Македонија има 4.383 угостителски објекти со 19.718 вработени. Најголем дел се ресторани, 776. Следуваат кафе барови , 772 на број. Пописот што го направил Државниот завод за статистика (ДЗС) покажува и дека во земјава има 527 бурекџилници, 410 гостилници, 308 кафеани, 281 кебапчилница, 248 пицерии, 235 сендвичарници и само 33 ноќни барови.

По региони, најмногу угостителски објекти има во скопскиот (1.189) и полошкиот (1.090). Во другите делови од земјава бројот е значително помал – од 224 во вардарскиот до 516 во југозападниот.

По општини, најмногу има во Тетово (481), па Центар (319). Има и такви кои имаат само по еден угостителски објект – Зелениково, Лозово и Чучер – Сандево.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП