27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАТурската престолнина домаќин на 15-то по ред Истанбулско биенале

Турската престолнина домаќин на 15-то по ред Истанбулско биенале

Турската престолнина деновиве е домаќин на 15-то по ред Истанбулско биенале кое во метрополата се одржува континуирано од 1987 година во организација на највкоренетата непрофитна организација од областа на културата во Турција, Фондацијата за култура и уметност на Истанбул (ИКСВ).

Куратори на оваа меѓународна изложба на која учествуваат 56 уметници од 32 земји со вкупно 150 дела се уметничкиот двоец Елмгрин & Драгсет, а изложените дела на биеналето бараат одговор на прашањето „Дали сме добри соседи?“. Биеналето оваа година се одржува на шест локации во градот кои се наоѓаат во меѓусебна близина.

Во првата недела од одржувањето на двомесечна манифестација, која ќе трае до 12 ноември, биеналето го посетија 3 илјади гости од меѓународната уметничка сцена, меѓу кои критичари, куратори, директори на музеи и галерии, како и претставници на медиумите. Од друга страна, голем е и интересот на јавноста, а големата посетеност на биеналето уште на самиот почеток се должи, покрај другото и на бесплатниот влез на сите места каде што се одржува манифестацијата во рамките на Програмата за јавност која опфаќа разни панели, симпозиуми и работилници на тема на семејството и соседските односи.

Истанбулското биенале е значајна манифестација која во метрополата ги привлекува современите уметнички текови од сите страни на светот и се брои меѓу еден од најзначајните настани на современата уметност во Турција и светот. Кураторите на биеналето ја претставуваат темата на биеналето наместо преку текстуална концептуална рамка – преку четириесет прашања за соседството, како на пример „Дали добриот сосед е странецот од кој не се плашите?“ и „Дали добриот сосед е тој кој чита ист весник како и вие?“ Овие прашања го водат посетителот низ процесот на создавањето на изложбата.

Истанбулското биенале годинава, освен на шесте локации, се распространува и на истанбулските улици. Плакатите со натписи со различни дефиниции на „добриот сосед“ се поставени по градските сокаци, маала и куќи. Тие се изложени по дуќаните, продавниците, автобуските станици, куќните прозорци и речиси низ целиот град. Истанбулското 15. биенале во соработка со повеќе меѓународни институции го реализира и Меѓународниот билборд проект. Од месец февруари годинава различни прашања на тема „добар сосед“ преку билборди се изложуваат во различни градови од светот. Досега билбордите на биеналето биле изложени во 20 града, меѓу кои Милано, Љубљана, Сиднеј, Москва, Ливерпул, Манчестер и Сингапур.

Омер Коч, претставникот на Коч холдинг, спонзорот на Истанбулското биенале од 2007 година, истакнува дека културата и уметноста играат витална улога во општествениот напредок и затоа Коч холдинг дава приоритет на поддршката на ваквите манифестации. Тој на таа поддршка не гледа само како на финансиска поддршка туку како на еден вид стратешка соработка. „Поминуваме низ еден тежок период со војни и немири. Наша најголема потреба во вакви периоди е да го ослушнеме јазикот на уметноста кој ја добива својата моќ од културата и од универзалните вредности. Се надевам дека соседството наспроти отуѓувањето, кое ги потресе нашите основни човечки вредности и фрли сенка на мирот, може да отвори една голема врата. Еден добар сосед може да биде причина за постојан мир, а не за војна“, додава Коч.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП