7 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочнува фестивалот „Иван се враќа дома“ – мега гостување на театарот од...

Почнува фестивалот „Иван се враќа дома“ – мега гостување на театарот од Москва „Мастерскаја П. Фоменко”

Фестивалот на претстави од режисерот Иван Поповски – „Иван се враќа дома”, што на сцената на МНТ од 16 до 23 септември ќе го прикаже „Мастерскаја П. Фоменко”, еден од најреномираните московски театри, е прва можност и македонската публика да ги види театарските спектакли во режија на Поповски, кои ја одушевија критиката, освоија многу значајни театарски признанија и имаа исклучителен прием кај публиката – „Сон на летната ноќ” од Вилијам Шекспир (2015), „Алиса зад огледалото” од Луис Керол (2010) и „Отровната туника” од Николај Гумиљов (2002).

Во претставите учествува еден од најсилните актерски ансамбли во Русија, кој зад себе има многубројни престижни театарски поединечни и групни награди, признанија за заслужни артисти на Руската Федерација, како и учество во големи филмски продукции.

Станува збор за гостувања на високобуџетни претстави, од кои две од голем формат и една од мал, кои освоија бројни и многу значајни номинации, признанија и награди, претстави што предизвикуваат несмален интерес кај публиката и за кои билетите се распродаваат со месеци однапред, и покрај тоа што некои од нив на репертоарот се и по многу години. Така, „Алиса зад огледалото“ за 7 години е одиграна 311 пати и продадени се околу 120.000 билети, „Отровната туника“ за 15 години е одиграна 202 пати и продадени се околу 20.000 билети, „Сон на летната ноќ“ за само 2 години е одиграна 89 пати и продадени се околу 35.000 билети, а цените на билетите за оваа претстава достигнаа и 15.000 рубљи (над 13.300 денари).

Секоја од трите претстави, и покрај тоа што станува збор за класични дела и театарски пристап, се одликува со иновативност доведена до ниво на волшепство и во визуелна и драмска смисла, креација на нови светови во кои речиси е избришана границата помеѓу илузијата и реалноста и кои гледачот го оставаат без зборови целосно впиен во вителот на естетското доживување.

Детската претстава „Алиса зад огледалото” ќе се игра на 16 и 17 септември од 18 часот, „Отровната туника” ќе се одигра на 19 и 20 септември со почеток во 20 часот, а „Сон на летната ноќ” ќе се игра на 22 и 23 септември, со почеток во 20 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП