29 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Последните камбани“ ќе учествува на фестивал во Монтреал

„Последните камбани“ ќе учествува на фестивал во Монтреал

На „Монтреал ворлд филм фестивал“, кој се одржува од 24 август до 4 септември 2017 година во Канада, ќе се прикаже краткометражниот филм „Последните камбани“. Филмот е селектиран во рамките на светската натпреварувачка селекција за кратки филмови. Проекцијата ќе се одржи на 28 август.

Филмот е работен по сценарио и во режија на Никола Поповски, а актерот Мето Јовановски ја игра главната улога.

– Да се биде дел од фестивал со четириесетгодишна историја, и тоа во натпреварувачка програма на кратки филмови, за мене претставува чест, но и одговорност да се продолжи традицијата на културолошкиот квалитет, разновидност, независност и креативност што тој ги нуди. Посакувам и се надевам на успешно преставување на фестивалот во Монтреал – вели режисерот Поповски.

Тој додава и дека фактот што е тоа единствениот компетитивен фестивал во Северна Америка, кој е признат од Меѓународната федерација на здруженијата на филмски продуценти, го издига предизвикот на уште повисоко ниво.

Продуцентот Гоце Кралевски објаснува дека филмот ќе биде прикажан и на 23. издание на Меѓународниот фестивал за кратки филмови во Драма, Грција, кој се одржува од 18 до 23 септември.

– Куриозитет на „Последните камбани“ е што во него воопшто нема говор, а убавините на двете села, Љубојно и Брајчино, каде што се снимаше минатата година, играат важна улога и тие како да се дел од карактерите. Се надевам дека токму ова ќе успее да ги плени филмските сладокусци на светските фестивали – рече Кралевски.

„Последните камбани“ е остварување што говори за осаменоста и соочувањето со неа и ја носи приказната за еден старец (Јовановски), кој преку камбаната комуницира со својот пријател од соседното село.

Директор на фотографија е Фејми Даут, а актерската екипа ја сочинуваат и Сања Николовска-Најдовска и Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, музиката на Дарко Спасовски – Пацки и на Горан Кан, шминката е на Наталија Кајевска, а костимите ги направи Ирена Боневска. Продукцијата на „Последните камбани“ е на „ДНФ филмс“, а остварувањето е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП