7 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАУтре во Скопје ќе гостува познатиот писател Атила Бартиш

Утре во Скопје ќе гостува познатиот писател Атила Бартиш

Еден од најпознатите унгарски современи писатели Атила Бартиш в петок ќе гостува во Скопје на промоција на својот најнов роман „Крајот“ во издание на „Или-или“.

Романот е приказна во која се преплетени политиката, историјата, љубовта, стравот, амбициите, успесите и падовите на поединецот, но и на целото општество, процеси што во државите од овој дел на Европа одат рака под рака. Токму фокусот на границите на човековите потенцијали диктирани од авторитарните режими е застапен низ целата приказна, приказна во која ќе се пронајде секој роден на овие простори во периодот од Втората светска војна, па до денеска.

Промоцијата е во рамките на програмата „Креативна Европа“, а ќе се одржи во кафулето „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија, со почеток од 21 часот. Преводот од унгарски е на Златко Панзов, јазичната редакција е на Анамарија Цинеге-Панзов, а промотор на романот е Катарина Синадиновска.

Атила Бартиш, еден од најинтригантните унгарски писатели на денешницата, е роден во 1968 година во Романија во семејство на унгарското малцинство. Татко му, новинар, е во немилост на режимот на Чаушеску, па семејството се сели во Будимпешта. Атила Бартиш таму работи како успешен фотограф, но 1995 година со романот „Прошетка“ го најавува својот исклучителен книжевен талент, а критиката го споредува со Кафка и Ками. За романот „Спокој“, кој е објавен 2001 година, ги добил наградите „Тибор Дери“ и „Шандор Мараи“. Роберт Алфелди во 2008 година според романот го снимил истоимениот филм.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП