21 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВо Прилеп изложба на дела од ликовната колонија „Дрен 2017“

Во Прилеп изложба на дела од ликовната колонија „Дрен 2017“

Во петок во 20 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на дела од 10. издание на ликовната колонија „Дрен 2017“, која се одржа во јуни годинава под покровителство на Министерството за култура.

Љубителите на ликовната уметност ќе имаат можност да проследат 21 дело насликани од 12 уметници од Македонија, Русија и од Бугарија. На увид ќе бидат делата од нашите сограѓани Билјана Бинчев, Александар Џинго, Верче Николоска, Тони Чатлески, Новица Трајковски, Петра Јовановска, Драган Најденовски и Андријана Мациев од земјата, Ривка Беларева и Виктор Пушкин од Русија и Маријана Везарова и Пламен Бонев од Бугарија.

– Седумдневната работна дружба на уметниците остави прекрасни дела зад себе. Сериозни остварувања, отсликани состојби на секојдневието, но не на сивилото што нè обременува, туку рефлексијата на душата наспроти него, со надеж за и верба во подобро и посветло утре. Насликано со боите на виножитото, колоритот кој зрачи оптимизам и јасно ги потенцира и разграничува спротивностите. На овие платна исцртани се линии, форми, содржини едноставни, но моќни каква што всушност е уметноста, ова се платна полни со љубов и силни пораки независно од темата, стилот и техниката. Пулсираат со живот, го слават и ни го прикажуваат убавото, чистото и невиното во него. Ни порачуваат дека животот е уметност, а уметноста е најубавото нешто што му се случило на човештвото – вели Елизабета Дерменкоска-Цефи за делата од годинашната колонија „Дрен 2017“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП