6 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАШведска вечер на Охридско лето со сопраните Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ

Шведска вечер на Охридско лето со сопраните Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ

Во рамките на програмата на годинашното издание на фестивалот Охридско лето, утревечер, 2 август, со почеток во 20.30 часот, во катедралната црква „Св. Софија“, ќе се одржи концерт на шведска кралска музика изведена од дуото сопрани Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ и македонската пијанистка Марија Вршкова. Концертот „Музика на шведското кралско семејство Бернадот“ е во соработка со Шведската амбасада во Република Македонија и е поддржан од компанијата „Сеавус“.

Шведската кралска традиција и музичка историја од 19 и почетокот на 20 век ќе бидат насликани преку програмата со дела компонирани од членовите на шведската кралска династија Бернадот, која е на шведскиот трон од 1818 година. Членовите на кралските фамилии често во историјата и самите биле талентирани музичари култивирајќи ги своите музички способности како дел од едно сеопфатно образование. Музиката компонирана од принцезата Еугенија на Шведска и Норвешка (1830-1889 год.), кралот Оскар Први (1799-1859 год.), кралицата Јозефина на Шведска и Норвешка (1807-1876 год.), како и принцот Густаф, војвода од Упланд (1827-1852 год.) нуди еден времеплов во културата на нивното време.

Близначките Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ се колоратурни сопрани кои публиката ги памети како чудо од деца од времето кога на само 9-годишна возраст на телевизија го исполниле дуетот од Моцартовата „Волшебна флејта“. Нивните изведби се високо оценети од критиката, особено нивната брилијантна интерпретација, музикалност и извонреден висок регистар, карактеристики типични за вистинските voci Belliniane, кои со игрива леснотија изведуваат дела за природата и љубовта.

Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ студиите ги завршуваат на Музичката академија во Белград и на Академијата „Луиџи Керубини“ во Фиренца. Често настапуваат заедно на европските сцени пеејќи на повеќе јазици. Нивниот богат концертен и оперски репертоар содржи дела од Белини, Шопен, Доницети, Моцарт и Верди, како и дела од нордиски и други композитори. Имаат настапувано од Белград и Врашава, до Брисел, Фиренца, Рим и Стокхолм. Настапиле пред шведското кралско семејство – кралот Карл XVI Густав и кралицата Силвија.

Марија Вршкова како солист, камерен музичар и пијано акомпанист се вбројува меѓу најсестраните македонски музички уметници. Таа е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија и неколкупати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде што соработува со врвни диригенти и солисти. Вршкова е добитник на наградата за специјално уметничко достигнување на интернационалниот натпревар „Охридски бисер“ во 2009 година, како и три награди „Виртуози“ за музички изведувач во 2013 година и две награди за камерен состав во 2015 и 2016 година. Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ Скопје.

Контактот на шведската бернадотска кралска традиција со Охрид трае уште од 1978 година, со посетата на кралот на Шведска Карл XVI Густаф, седмиот по ред монрах од бернадотската династија, и кралицата Силвија, како и нивното гостување во домот и работилницата на семејството Филеви, каде што се запознаваат со традицијата на изработка на охридскиот бисер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП