6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРечиси 116.000 граѓани и фирми со блокирани сметки!

Речиси 116.000 граѓани и фирми со блокирани сметки!

И покрај воведувањето на нови, помеки правила за извршителите продолжи трендот на зголемување на бројот на блокирани трансакциски сметки, но со значително помало темпо. Во меѓувреме беше формирана и граѓанска иницијатива која бара целосна ревизија па дури и укинување на концептот на извршители.

81.617 граѓани и 34.308 компании со блокирани сметки

Според последните податоци на Народната Банка (НБРМ) кои се однесуваат на март за еден месец дополнителни 262 граѓани и 249 компании се соочиле со блокирање на трансакциските сметки. За една година бројот е зголемен за 4.581 кај физичките лица, но е намален за дури 9.185 кај правните лица.

Последните податоци покажуваат дека заклучно со март вкупниот број на блокирани депоненти изнесувал 115.925. Од нив 81.617 се физички лица и 34.308 се правни лица.

„Но пасаран“ – иницијатива за укинување на извршителите

Конфедерацијата на синдикални организации и граѓанската иницијатива „Но пасаран“ минатата недела побараа пратениците да свикаат итна седница на која ќе го укинат законот за извршување и ќе го вратат законот од пред 10 години кога извршителите се водеа како државни службеници.

„Приватните извршители се приватен еснаф кој се богати од арачот на народот. Како може долг од 1.000 од 2.000 денари да стане 10.000, 20.000 денари. Каде одат останатите пари? Дали тие се нивен личен профит? Овде се работи за чисто богатење, чиста буржоазија која не кореспондира со социјалниот карактер на Република Македонија која е дефинирана како социјална држава согласно Уставот“ велат од граѓанската иницијатива „Но пасаран“.

Од синдикатот и здружението бараат и ревизија на нотарската комора.

Извршителите веќе го „омекнаа“ односот кон должниците

На 1 јануари стапија во сила новите, помеки правила по кои постапуваат извршителите. Со нив се воведе засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Ова значи дека заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) веќе не одат на нотар или на суд како до сега туку директно кај извршител. Со тоа треба да се избегнат дополнителните трошоци.

Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

Извршителите наплаќаат по околу 100 милиони евра годишно

Комората на извршители на Македонија (КИРМ) се уште го нема објавено годишниот извештај за 2016-та. Според оној за 2015-та сите извршители заедно наплатиле 107 милиони евра. Имало вкупно 154.522 барања за наплата, а постапката била успешно завршена кај 52.439 случаи односно кај 33.95%.

Процесот на наплата најчесто трае подолго од една година (во 2015-та тоа биле 22.899 барања). Само 16.729 биле решени за помалку од три месеци.

Според извештајот најмногу пари биле наплатени во Скопје – нешто над 59 милиони евра, а најмалку во Кочани, Берово, Виница и во Делчево – во сите четири града заедно нешто под 2 милиони евра. Поголемиот дел од должниците биле фирми, а значително помал граѓани.

Извршителите беа воведени пред една деценија

Извршителите беа воведени пред една деценија. За овој период наплатиле вкупно 830 милиони евра, најмногу или речиси 128 милиони евра во 2013-та, потоа по 107 милиони евра во 2014-та и 2015-та; а најмалку или 20 милиони евра во 2006-та, првата година од нивното функционирање.

Во Македонија во моментов има 99 извршители. Превидено е воспоставување на вкупно 132, оттука 35 места се непотполнети.

Вкупниот број на вработени во извршителските канцеларии во 2015-та бил 625 односно секој извршител во просек имал по нешто над 5 ангажирани помошници и дополнителен персонал.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП