17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономски мерки за развој на ИТ секторот

Економски мерки за развој на ИТ секторот

Претседателот на ИКТ комората, Саша Огненовски, и Mинистерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на прес-конференцијата посветена на економските мерки за развој на ИТ секторот ги лоцираа приоритетите на кои институционално ќе се работи во насока на што поголемо искористување на потенцијалите и придобиките од ИТ секторот.

„Потребни се квалитетни мерки за намалување на дефицитарниот ИТ кадар, користење на најсовремени технологии за развој на информатичкото општество, како и подобрување на работата на ИКТ компаниите. Домашните ИКТ компании треба да се стимулираат и да отвораат нови работни места, како и да развиваат софтвер и услуги не само за Македонија туку и за извоз. Развојот на информатичкото општество има директно влијание врз поголемата продуктивност, иновативност и ефикасност како на приватниот така и на јавниот сектор. Сето тоа доведува и до создавање нови работни места со зголемена додадена вредност. Промените во ИКТ индустријата се случуваат со 10 пати поголем интензитет од вообичаениот за другите. Неспорен факт е дека развиеното ИКТ општество дава многукратен придонес“, подвлече Огненовски.

Министерот за информатичко општество и администрација, Манчевски, потенцираше дека приоритетите на ИКТ комората се поддржани и со политиките и реформите што ги најави новата влада во својата програма, а се дел и од заложбите на Министерството за информатичко општество и информатика.

„Владата најави воведување даночно олеснување за сите ИКТ компании што извезуваат софтвер и услуги со цел да се овозможат нови вработувања, зголемен девизен прилив и градење нови аутсорсинг ИТ компании. Во насока на зголемување на конкурентноста и намалување на дефицитарниот кадар, Владата во наредниот период финансиски ќе поддржи преквалификација и доквалификација со цел создавање нови ИТ кадри “, истакна Манчевски.

Министерот Манчевски најави и неколку проекти во сферата на подобрување на ефикасноста на јавната администрација.

„За доближување на услугите што ги нуди јавната администрација до граѓаните со проектот Е-услуги ќе го зголемиме бројот на услуги што ќе бидат достапни по електронски пат. Додека, пак, со Централниот регистар како проект од капитално значење за државата ќе се придонесе во решавање на проблемот со Избирачкиот список и документите за лична идентификација“, потенцираше Манчевски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во врска со користењето на информатичко – комуникациските технологии во деловните субјекти за 2016 година, широкопојасен пристап на интернет имале 93.8% од деловните субјекти со десет и повеќе вработени. Пристап до интернет преку пренослив уред, употребувајќи мобилна телефонска мрежа ( 3G/4G) имале 69.3% од деловните субјекти, додека пак 52.5% користеле социјални медиуми и 53% од деловните субјекти имале веб-страница.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП