12 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНа Скопско лето ќе се прикаже „Синиот портокал“

На Скопско лето ќе се прикаже „Синиот портокал“

Во петок, 14 јули, на малата сцена на МНТ, со почеток во 20 часот, Театар „Џинот“ Велес ќе настапи на Фестивалот „Скопско лето“ со претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски.

Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.

Претставата е трета продукција од Програмата на Велешкиот театар за 2017 година поддржана од Министерството за култура. Иако во оригиналната драма централен лик е афроамериканец, оваа постановка содржи една поинаква драматуршка адаптација, во која контекстот се актуелизира и локализира. Адаптацијата се однесува на Ерџан, Ром, кој заглавува во лавиринтот на својата шизофренија, но и во лавиринтот на психијатриската клиника.

„Во време на глобализација кога сакаме да ги надминеме табуата за разликата во бојата на кожата, националноста и културните наследства кои ги носиме во себе, оваа драма топло ја брани неправдата која ја нанесуваме некогаш преку негативна, а некогаш преку позитивна дискриминација“,потенцира режисерот Ивановски.

„Синиот портокал“ е драма за современата психијатрија, со застарени методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП