25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОбид за манипулација – дали секогаш килото е кило и литарот е...

Обид за манипулација – дали секогаш килото е кило и литарот е литар?

Наместо да ја зголемат цената, ја намалуваат тежината – вака голем дел од производителите го кријат поскапувањето. Одамна килото не е кило, а литарот не е литар.

„Кило“ леб одамна е 600 грама, па дури и 450 до 550. Шише масло за јадење наместо литар е 750 до 900 милилитри. Пакување тестенини најчесто не е 500 туку 400 грама. Истото важи и за солта и шеќерот. И паштетите се во помали пакувања отколку пред десетина години. Дури и дел од цигарите во кутија имаат по 19 а не како некогаш по 20. И бурекот и сендвичите во голем дел се потенки и посиромашни, а ваква состојба има и во порциите во некои од рестораните и кафеаните.

Сето ова претставува „скриена инфлација“ која по самата дефиницијата е намалување на квалитетот или квантитетот на одреден производ при непроменети цени.

Не се менува пакувањето и изгледот туку само количината на производот. Така купувачите на одреден начин се доведуваат во заблуда. На ова повеќе пати реагираше и Организацијата на потрошувачи (ОПМ).

„Граѓаните мора да бидат навистина внимателни. При пазарење не треба да се гледа само цената и марката туку и тежината и содржината. На пакувањата грамажата треба да се врзе со единицата мерка, за да може да се види дали тоа што се купува е поевтино или поскапо. На пример, ако на кесичката пишува дека содржи 400 грама, треба да се назначи колку чини килограм, за да можат потрошувачите полесно да се снајдат“ велат во ОПМ.

Скриената инфлација е практика која производителите и трговците ја применуваат со децении, но стана поактуелна со почетокот на светската економска криза во 2008-та.

Европската Унија во 2009-та ја укина регулативата за стандардна големина на пакувањата на производите. Оттогаш пакувањето млеко може да биде и 0.9 литри, а чоколадото 95 или 90 грама. Тогаш имаше жестоки реакции од европските здруженија за заштита на потрошувачите кои тврдеа дека цените на новите пакувања нема да бидат пониски и дека купувачите најчесто нема да бидат свесни за промената која е наведена само со ситни букви на пакувањето.

Со цел да ги заштитат потрошувачите европскиот законодавец ги обврза компаниите на секој производ да ја истакнат основната цена односно колку нешто чини по единица мерка (килограм или литар).

Кај нас само дел од маркетите го практикуваат ова, најчесто тоа се „ниско буџетните“ кои нудат и најевтини производи. Кај нив секогаш ја пишува цената на производот, но и цената на 100 грама или еден килограм со што на купувачите им се олеснува споредбата.

„Скриената“ инфлација е поврзана и со „реалната“ инфлација. Паралелно со „топењето“ на килажата има и благо намалување на цените на производите.

Македонија веќе три години има негативна инфлација односно дефлација – општото ниво на цените се намалува. Ова е резултат пред се на падот на цените на енергенсите на светските берзи што резултира со поевтини горива, а во мал дел и со поевтини крајни производи.

Народната банка (НБРМ) измерила дека во 2011-та инфлацијата била +2.8%, во 2012-та била +4.7%, во 2013-та била +1.4%; во 2014-та влегува во негативната зона, била -0.5%, во 2015-та била -0.3%, во 2016-та била -0.2%. За годинава е проектирана инфлација од 1.3%, а за следната од 2.0%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП