13 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија пред дилемата – масовен или елитен туризам

Македонија пред дилемата – масовен или елитен туризам

Државниот завод за статистика (ДЗС) бележи раст на туризмот. Во април 2017-та во однос на април 2016-та бројот на гости бил зголемен за 18.4% а бројот на ноќевања за 18.6%.

Тој месец во земјава имало 68.047 туристи кои оствариле 140.081 ноќевања. Бројот на домашни туристи е зголемен за 15.8%, а бројот на странски туристи е за 19.6%.

Според податоците најпосетени се езерските места со 25 илјади гости, следи Скопје со 22 илјади. Најголем дел од туристите доаѓаат од Турција, па потоа Грција, Бугарија и Србија. Отседнуваат пред се во хотели со четири и пет ѕвездички.

Македонија станува се попривлечна за елитен туризам, велат и луѓето кои работат во овој сектор. Странците ги интересира културата, историјата, но и гастрономијата.

„Она што тие го бараат е домашна традиционална храна: полнети пиперки, сарми, гравче тавче, разни мусаки. Исто така имаме и јадења по нарачка за нареден ден. Заинтересирани се за тавите кои што ги правиме на стар фамилијарен рибарски начин и тоа е она што нив ги привлекува“ вели Димче Каневче, угостител од Охрид.

„Најчесто странските гости пробуваат македонски специјалитети бидејќи автентична е нашата кујна, малку поинаква од другите. Менијата се сите на македонски и англиски јазик за да можат самите гости да разберат што се содржи во менито. Посебно е напишано кои состојки се во секое јадење“ објаснува охридскиот хотелиер Марјан Трпески.

И македонските села имаат потенцијал за туризам, коментираат познавачите. Сепак, велат дека треба многу да се вложува во неговиот развој, но позитивните ефекти би биле повеќекратни.

„Во руралните подрачја се постигнува двоен па дури и троен ефект, а тоа е голема економска помош или солидни економски приходи за руралното население кое што вообичаено живее од земјоделие. Потоа зголемување на интересот од страна на луѓето коишто живеат во поголемите градови, другите држави затоа што се поголем е трендот на развој на туризмот на планетарно, на глобално ниво“ објаснува Катерина Георгиевска, директор на Канцеларијата на регионалниот центар за животна средина во Македонија.

Минатиот месец најпознатиот сајт за патување Lonely planet го смести Охрид на петтото место во топ десет градови кои треба да се посетат годинава, а британскиот магазин за патување Travel weekly го рангираше Скопје како вториот најевтин град за сместување. Во текстот се наведува дека најевтино е во Куала Лумпур, а веднаш потоа во Скопје, Тирана, Анталија и Софија. Најскапо е сместувањето во Монте Карло.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП