23 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОмер Фарук Текбилек за почеток на „Скопско лето“

Омер Фарук Текбилек за почеток на „Скопско лето“

Концертот на турскиот етномузичар со меѓународна кариера Омер Фарук Текбилек на 21 јуни во Македонската опера и балет ќе го означи почетокот на 38. Скопско лето, соопштија денеска на прес-конференција Дирекцијата за култура и уметност – Скопје (ДКУС) и Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје.

Текбилек, кој живее и твори во САД, свири на специфични традиционални инструменти неј, саз, тарабука, кавал и зурла. Музичкиот стил и инспирација ги црпи од традиционалната суфи уметност и арапската традиционална музика, во кои вклучува амбиентални електронски елементи. Ќе настапи со група во која членуваат музичари од Балканот и од Италија.

Елизабета Кузмановска, член на Извршниот одбор на ДКУС, и директорот на „Јунус Емре“, Фуат Коркмаз, искажаа задоволство што по четири години договорање успеале да го донесат Текбилек, кој специјално за овој концерт од Америка ќе допатува во Скопје.

– Препознатлив е по традиционалните инструменти. Неговата музика е лек за душата, допира до нашите чувства и носи порака дека музиката зближува, рече Коркмаз, додавајќи дека неговата група, во која членува и македонскиот перкусионист Ратко Даутовски, е слика на мултикултурализмот.

Следниот ден, на 22 јуни, на платото пред МОБ концерт ќе има словенечката рок-група „Лачни Франц“, организиран во соработка со Амбасадата на Словенија по повод одбележувањето на државноста на земјата. Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, која го организира летниот фестивал во главниот град, наскоро ќе ја соопшти целата програма за 38. издание.

Беше промовиран и плакатот за фестивалот кој е дизајн на Христијан Санев. Авторот појасни дека изработил транскрипција на познатиот археолошки пронајдок Божица Мајка со графички пристап и дека претставува спој на овдешното историско поднебје и модерното време.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП