2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМакедонската книжевност за првпат на Саемот на книгата во Варшава

Македонската книжевност за првпат на Саемот на книгата во Варшава

Меѓународниот саем на книгата во Варшава, Полска, ќе се одржи од 18 до 21 мај 2017 г., а организатор на претставувањето на македонската книжевност и издаваштво ќе биде Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Саемот на книгата во Варшава е еден од најголемите саеми во Источна Европа, а годинава ќе учествуваат околу 800 издавачи од 32 држави од 5 континенти. Штандови на саемот ќе имаат издавачи и од САД, Русија, Кина, Германија, Франција, Шпанија, Велика Британија, Австралија, Индија, Јапонија, Кореја, Турција, Аргентина, Чиле, Перу, Данска, Белгија, Холандија, Швајцарија, Шведска, Чешка, Романија, Хрватска итн. Земја почесен гостин ќе биде Германија, а на саемот ќе се одржат голем број книжевни средби, трибини и дискусии на кои ќе учествуваат околу 1000 автори од различни држави, меѓу кои се и добитници на Нобеловата награда и на други врвни книжевни награди и признанија.

Националната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ – Скопје на македонскиот штанд ќе изложи околу 300 селектирани репрезентативни изданија од областа на книжевноста, културата и уметноста, објавени од нашите најреномирани издавачки куќи, заедно со избрани публикации од капиталните издавачки проекти 135 тома „Македонска книжевност“ (во оригинал и на англиски јазик) и антологии на македонската книжевност преведени на шест странски јазици (руски, француски, германски, шпански, кинески и арапски).

За доближување на новата македонска книжевност до полските читатели и издавачките куќи специјално се подготвени и отпечатени поединечни брошури на полски јазик за 14 современи македонски автори од помладата и средната генерација. Пред посетителите, акредитираните новинари, претставниците на издавачките куќи и книжевните агенти ќе бидат претставени Николина Андова-Шопова, Јулијана Величковска, Владимир Илиевски, Владимир Јанковски, Вера Калин, Стефан Марковски, Марта Маркоска, Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, Марина Мијаковска, Блаже Миневски, Елена Пренџова, Давор Стојановски и Јовица Тасевски-Етернијан.

Последниве неколку години полските издавачи имаат објавено книги од повеќемина истакнати македонски автори од различни генерации, како што се Санде Стојчевски, Александар Прокопиев, Бранко Цветкоски, Весна Ацевска, Ермис Лафазановски, Славе Ѓорго Димоски, Лидија Димковска, Гоце Смилевски, Жарко Кујунџиски, Ѓоко Здравески и други, а претходните децении се објавени книги и од други еминентни македонски автори.

На 20 мај (сабота), во главната сала за промоции ќе биде организиран македонски ден на саемот во Варшава, на кој ќе биде претставена современата македонска поезија и проза. На книжевната средба ќе настапат афирмираните македонски автори Блаже Миневски, Јовица Тасевски-Етернијан и Владимир Илиевски. Модератор на книжевната средба ќе биде Пјотр Добролецки, издавач, новинар, главен уредник на списанието „Книги“ (Książki) и на списанието за литература „Остров“ (Wyspa), а на настанот ќе учествуваат и проф. Лила Мороз-Грзелак од Полската академија на науки и г-ѓа Барбара Крамар, преведувачка и експерт за односи со јавноста и со медиумите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП