7 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМанчевски доби награда на фестивалот во Аспен за филмот „Крајот на времето“

Манчевски доби награда на фестивалот во Аспен за филмот „Крајот на времето“

Новиот филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски освoи награда на филмскиот фестивал „Шортфест“ што се одржа во Аспен, САД од 4-9 април. Воедно филмот, на овој фестивал ја доживеа и својата светска премиера.

Овој експериментален краток филм на Манчевски во кубанско-американска копродукција, ја освои престижната награда „Елен“ во висина од 2.500 долари.

Наградата е востановена во чест на Елен Кохнер Хант, основач и поранешна директорка на фестивалот во Аспен, Колорадо, еден од најреномираните фестивали на краткометражен филм во светот кои се квалификуваат за наградата Оскар.

Наградата Елен е дел од престижните официјални признанија на фестивалот, а според организаторите, се доделува „на филм кој го отелотврува духот на филмската селекција на Аспен од 1976 до 1995“.

„Крајот на времето“ е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.

„Крајот на времето е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во кино-сала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин“, вели најнаградуваниот и најуспешен македонски уметник Манчевски.

Филмот е снимен во Сан Антонио де лос бањос на Куба, а постпродукцијата во Њујорк и Македонија. Ова е една од првите американско-кубански копродукции, која започна пред неодамнешното затоплување на односите меѓу двете земји.

Македонската Агенција за филм и македонското Министерство за култура не учествуваат во овој проект.

Директор на фотографија е Ален Лопез Мартинез, монтажер Кристина Поженел, автор на музиката и тонскиот дизајн е Игор Василев Новоградска, визуелните ефекти се на Мишо Ристов и Рекс, а колор грејдингот на Мајкл Двас.

Долгометражните филмови на Милчо Манчевски се добитници на бројни меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција, номинација за Оскар, Давид ди Донатело, Златна бубачка, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, итн. Неговите кратки форми исто така имаат добиено награда на Ем-Ти-Ви за видео, награди за експриментален филм, награди за спотовите „Македонија вечна“, итн. „Њујорк тајмс“ го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Тој исто така има режирано и на серијата „Жица“ (The Wire) за Ејч-Би-О.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП