11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНад 100 илјади луѓе и фирми со блокирани сметки

Над 100 илјади луѓе и фирми со блокирани сметки

Вкупниот број на блокирани сметки за една година опаднал за 2.1%, кај граѓаните има зголемување од 5.8%, а кај фирмите намалување од 22.1%, покажуваат податоците на Народната Банка (НБРМ) за 2016-та. Од 1 јануари извршителите работат по нови, помеки правила според кои мора да минат повеќе чекори пред да иницираат блокирање на трансакциските сметки.

117 илјади граѓани и фирми со блокирани сметки

117 илјади граѓани и фирми имале вкупно 244 илјади блокирани трансакциски сметки заклучно со крајот на 2016-та. За една година е забележано вкупно намалување од 2.1%.

Од блокираните сметки 190 илјади се на физички лица, а 53 илјади на компании. За една година кај граѓаните има зголемување од 5.8%, а кај фирмите намалување од 22.1%.

„Големиот пад на блокираните сметки на правните лица е прво вакво придвижување по појавата на глобалната криза во 2009 година и следува по период на речиси постојан раст на бројот на блокирани сметки… За 2016 година карактеристично е значително забавување на растот на блокираните сметки на физичките лица, во споредба со претходните две години кога беа забележани двоцифрени стапки на раст на блокираните сметки (од 35,4% и 19,1% во 2014 година и 2015 година, соодветно)“ се наведува во последниот извештај на НБРМ.

Помеки правила за извршителите

На 1 јануари стапија во сила новите, помеки правила по кои постапуваат извршителите. Со нив се воведе засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.

Ова значи дека заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) веќе не одат на нотар или на суд како до сега туку директно кај извршител. Со тоа треба да се избегнат дополнителните трошоци.

Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

Извршителите наплаќаат по околу 100 милиони евра годишно

Комората на извршители на Македонија (КИРМ) се уште го нема објавено годишниот извештај за 2016-та. Според оној за 2015-та сите извршители заедно наплатиле 107 милиони евра. Имало вкупно 154.522 барања за наплата, а постапката била успешно завршена кај 52.439 случаи односно кај 33.95%.

Извршителите беа воведени пред една деценија. За овој период наплатиле вкупно 830 милиони евра, најмногу или речиси 128 милиони евра во 2013-та, потоа по 107 милиони евра во 2014-та и 2015-та; а најмалку или 20 милиони евра во 2006-та, првата година од нивното функционирање.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП