24 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАХорнистот Штефан Дор доаѓа во Скопје

Хорнистот Штефан Дор доаѓа во Скопје

Македонската филхармонија, во четврток во Домот на АРМ во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт под наслов „Моцартовата хорна“, на кој како солист ќе настапи првиот хорнист од престижната Берлинска филхармонија, Штефан Дор од Германија.

Еден од најбараните хорнисти во Европа и во светот, за македонската публика ќе изведе два Концерти за хорна и оркестар бр. 1 и бр. 4 од музичкиот гениј В. А. Моцарт.

Диригент на концертот е маестро Борјан Цанев, а оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и комплексните, но мошне интересни дела – симфониската поема „Остров на мртвите“ од Сергеј Рахмањинов, како и фрагменти од балетот „Спартак“ од Арам Хачатуријан.

Опусот на уметничкиот гениј Волвганг Амадеус Моцарт е навистина импресивен не само во однос на квантитетот, туку речиси сите негови дела, во зависност од формата, се вбројуваат меѓу најдобрите во историјата на музиката. Такви се и неговите Концерти за хорна во кои композиторот го искажува совршенството на формата и леснотијата во водењето на навидум едноставните мелодии.

„Остров на мртвите“, пак, на еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахмањинов е инспирирана од истоимената слика на швајцарскиот уметник Арнолд Беклин, најславното уметничко дело од времето на симболизмот, која Рахмањинов ја видел во Париз. Делото го завршил во 1908 година додека престојувал во Дрезден. И таа е класичен пример како треба да „звучи“ рускиот доцен романтизам.

Балетот „Спартак“ на руско-ерменскиот композитор Арам Хачатуријан е инспириран од животот на римскиот бог Спартак и востанието на робовите, но композиторот тежнеел да се ослободи од историскиот контекст. Хачатуријан за ова дело ја добил престижната награда „Ленин“ истата година кога го напишал.

Германецот Штефан Дор (1965) во моментов е главен хорнист во престижната Берлинска филхармонија и еден од најбараните хорнисти во Европа како солист. И самиот ќе каже дека никогаш не замислувал дека ќе работи токму во Берлинската филхармонија, оркестар кој, вели, е мошне значаен за сите музички уметници и кој нуди исклучителна можност тие да се истакнат и како солисти.

Дор е постојано ангажиран да одржува мастер часови, а предава хорна на Академијата „Херберт фон Карајан“. Првите часови по музика ги започнал со свирење на виола, но откако го слушнал на концерт познатиот хорнист Херман Бауман, одлучил дека хорната ќе биде негов главен инструмент. По студиите во Есен и во Келн, тој станал главен хорнист во Операта во Франкфурт, а потоа на истата позиција е ангажиран во Фестивалскиот оркестар на Бајрот, во Филхармонијата на Ница и во Германскиот симфониски оркестар во Берлин.

Во Берлинската филхармонија е од 1993 година. Како солист соработувал со врвни диригентски имиња, меѓу нив и Даниел Баренбоим, Клаудио Абадо, Сер Сајмон Ратл и Бернард Хаитинк. Покрај класичниот и романтичниот репертоар за хорна, во фокусот на интересирањето на Дор се и делата од современите автори како Лигети, Киршнер и Кнусен. Извел голем број на концерти за хорна посветени токму нему, од автори како Волфганг Рим, Тошио Хосокава и Хорхе Лопез. Уште една негова пасија е камерното музицирање кое подразбира не само соработки со колегите од Берлинска филхармонија, туку ангажмани и со многу други исклучителни музичари. Член е на ансамблот „Виена-Берлин“, на Октетот на Филхармонијата и на ансамблот хорни на Берлинската филхармонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП