Македонија повеќе од три децении чека економски пробив кој ќе ја доближи до стандардот на развиените земји. Иако не ретко слушаме за „стратегии за раст“, реалноста упорно го сведува БДП по глава на жител кое е многу пониско од европскиот просек.
Прашањето е: што навистина треба да се направи за да стигнеме до солиден раст?
Економистот Александар Дојчнов смета дека растот нема да се случи сам по себе.
„Треба национален консензус за економски развој, нешто како ‘економски патриотизам’. Тоа подразбира реформи без политички калкулации, долгорочна индустриска стратегија и, пред сè, функционална администрација што нема да ги гуши инвеститорите“, вели Дојчинов.
Првиот чекор, според експертите, е радикална промена во пристапот кон продуктивноста.
Македонија има ниско ниво на додадена вредност во речиси сите сектори. Преориентацијата кон извозно ориентирани индустрии, како што се ИТ, фармација, агропреработка и зелена енергија, може да ја подигне просечната плата и општиот економски капацитет.
„Младите мора да бидат вклучени во создавање на економијата на иднината. Наместо да ги стимулираме со субвенции за заминување, треба да им понудиме реални можности за сопствен бизнис или работа во брзорастечки сектори“, порачуваат експертите.
Тие укажуваат дека дигиталната писменост и јазичните вештини треба да бидат основа на образованието, а не луксуз.
Друг клучен сегмент е борбата против корупцијата. Транспарентен систем и правна сигурност се предуслови за каква било долгорочна инвестиција.
„Ниту еден странски инвеститор нема да вложи пари таму каде што не знае што го чека. Но и домашниот капитал бега кога институциите не функционираат“, објаснува Дамјан Цветанов, претприемач кој својот старт-ап го преселил во Словенија.
Дополнително, демографијата станува сè поголем товар. Масовното иселување и стареењето на населението се фактори што го кочат економскиот потенцијал.
Решението, велат експертите, е комплетен рестарт на политиките за животен стандард, домување и локален развој, особено надвор од урбаните центри.
На крајот, дали може да се постигне силен раст? Само ако државата престане да функционира на принципот „од избори до избори“ и се фокусира на долгорочен план, со вистински показатели, одговорност и вклучување на сите економски чинители.
Или како што сликовито вели Дојчинов: „Не ни треба нов мит за милијарда евра – ни треба визија, план и екипа што знае да го реализира.“
Дали Македонија е подготвена за тој скок – или ќе остане заглавена во вечниот транзициски круг, ќе покаже времето, но и волјата на сите нас да побараме нешто повеќе од самите себе и од оние што ги бираме.
Б.З.М.