12 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАТрадиционални и модерни мартинки ќе бидат изложени во Скопје

Традиционални и модерни мартинки ќе бидат изложени во Скопје

Martinki-2-680x365_c

Меѓународна изложба на која ќе бидат изложени рачно изработени мартинки од Македонија, Бугарија и Романија ќе биде отворена во петок, во 12 часот на првиот кат во трговскиот центар „Рамстор мол“ во Скопје.

Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ и е дел од активностите врзани со интернационалната апликација до УНЕСКО за признавање на овој традиционален украс како нематеријално светско културно наследство. Апликацијата заеднички ќе ја поднесат Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.

Изложбата ќе биде отворена до втори март и ќе бидат прикажани мартинките односно оригиналните рачно изработени амајлии. Постановката ќе биде збогатена и со модерни амајлии изработени од модното студио „Магда“, а ќе биде претставена и археолошка визуелизација на праисториското потекло на мартинките преку археолошки предмети од територијата на Р. Македонија. Воедно ќе има и едукативни панели, проекција на документарни филмови, продажна галерија со ракотворби и креативни работилници за деца.

„Мартинките се еден од симболите на културниот идентитет на македонскиот народ. Но воедно се дел и од традицијата на неколку други народи од Балканот, што е заедничка нишка која го поврзува овој дел од Европа. „Хаемус“ ги почитува мартинките, верувањата и обичаите поврзани со нив и ги негува во духот на традицијата, во сите облици и начини кои би придонеле за нивната поширока промоција. Се надеваме дека овие амајлии наскоро ќе станат нематеријално светско културно наследство вклучено на листата на УНЕСКО“, вели Василка Димитровска, директор на „Хаемус“.

Главен партнер на изложбата е градскиот музеј во Крива Паланка, а настанот се прави под мотото на УНЕСКО за Отворени Образовни Ресурси.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП