Македонските брендови имаат кус дострел – познати на домашниот, препознатливи на регионалниот, но целосно анонимни на европскиот пазар. За да се промени ова потребни се сериозни вложувања: поттикнување на иновативноста, поддршка на извозниците, инвестиции во стандардизирање и фокусирање во менаџирање на квалитетот.
Македонија има потенцијал за сопствени брендови
Македонија има потенцијал за градење на домашни брендови, но не го користи доволно. Причините се многубројни, велат маркетинг менаџерите според кои главна пречка е самиот менталитет на бизнисмените кои најчесто се задоволуваат со она што веќе го имаат, кои секогаш размислуваат локално, ретко регионално а никогаш глобално.
„Не знам дали е до менталитетот на бизнисмените коишто ги водат македонските компании, но тие како воопшто да немаат желба да инвестираат во своите производи и во нивната препознатливост. Можете да видите дека надвор од земјава, во регионот или во земји од ЕУ, има малку производи од македонско потекло по продавниците и супермаркетите“ смета бизнис консултантот Андреј Стаменковски.
Создавањето препознатлива марка е напорна и тешка, но не и невозможна мисија, сметаат експертите кои објаснуваат дека на долг рок користа е повеќе пати поголема од трошокот што би се направил. За препознатлив бренд треба да се исполнат многу услови – да се работи на самите производи, да се влијае на навиките на купувачите, да се направи маркетинг стратегија.
„Домашните компании треба малку повеќе да се насочат кон стратегиите на брендирање за да можат да го фатат чекорот ако не со меѓународните барем со регионалните, балканските компании. Потребно е многу малку за да бидеме поконкурентни на пазарот“ вели проф. д-р Ленче Петревска, „Славјански универзитет“.
Слични совети даваат и светските бренд менаџери – треба да се изгради приказна и асоцијација за секој производ, да се влезе во потсвеста на потрошувачите.
„Преку маркетинг алатките треба да влезе во свеста на потрошувачите, она што се вика позиционирање во свеста на потрошувачите, на начин на кој само тој бренд би ја задоволил конкретната потреба. Бидејќи луѓето имаат потреби, компаниите мора да ги разберат, да се идентификуваат со тие потреби, и брендот мора на соодветен начин да ги задоволи тие потреби“ објаснува Роберт Лаутерборн од универзитетот на Северна Каролина Чапелхил.
Кои се топ брендовите во регионот и во светот?
Компанијата Valicon секоја година ја мери јачината на брендовите од подрачјето на поранешна Југославија. На нејзината листа „Топ 25 брендови“ покрај глобалните, на листата има словенечки, хрватски, српски брендови, но не и македонски.
На прво место во земјите од некогашна СФРЈ се чоколадите Milka, а следат Coca Cola, Vegeta, Cedevita, Argeta, Orbit, Smoki, Cockta, Nivea, Pepsi, Nescaffe, Jaffa cakes, Fanta, Jana, Lenor, Paloma, Gillette, Plazma, Kiki, Ariel, Airwaves, Nutella, Podravka, Dukat, Medeno srce.
Рангирањето за Македонија покажува дека прв бренд е Argeta, а зад неа се Milka, Стоби флипс, маргаринот Кристал и минералната вода Пелистерка.
Истражувањето на Kantar Worldpanel Brand Footprint, пак, покажува дека минатата година на глобално ниво бренд број еден била Coca Cola, а зад неа пастата за заби Colgate, сапунот Lifebuoy, супите Maggi и чипсовите Lay’s.
Истражувањето е базирано врз основа на потрошувачката на домаќинствата на 15.000 поединечни брендови во светот во 44 држави.
К. Н.