21 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Нашата Фукушима“ - Групна изложба во Кавадарци

„Нашата Фукушима“ – Групна изложба во Кавадарци

nasata-fukusima-696x286

Меѓународна групна изложба со повеќе од 100 учесници, насловена „Нашата Фукушима“, ќе се одржи денес во Домот на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци. Отворањето е во 19 часот.

Ќе трае до 30 јануари. На изложбата ќе бидат претставени повеќе од 100 дела со среден формат работени во различни медиуми, како слики, графики, фотографии, цртежи, скулптури, инсталации и видеа.

Изложбата е во организација на Маја Кировска, ликовен уметник од Скопје, Јаготка Томовска, поет од Куманово, холандските уметници Еd Hanssen и Fred van Welie, во соработка со Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.

Gogyoshi Art Project International е проект основан од холандските уметници Ed Hanssen и Fred van Welie во 2012 година, поттикнати од поезијата на јапонскиот поет Taro Aizu. Според нивниот концепт, уметниците кои учествуваат во проектот имат задача да создадат уметнички дела инспирирани од gogyoshi (гоњоши) поезијата за Фукушима, на Taro Aizu.

Gogyoshi е форма на поезија напишана во 5 линии, ослободена од правила за број на слогови, должина на линија и ритам. Taro Aizu има напишано неколку стихозбирки посветени на својот роден град Фукушима. Во нив тој зборува за луѓето на Фукушима, својата љубов кон својот град и за нуклеарната катастрофа по земјотресот и цунамито во март 2011 година, катастрофа која ги принуди жителите да го напуштат својот роден град.

Во текот на четири години од основањето на проектот во 2012 година, изложби со различни поставки, како дел од овој настан се одржаа на многу различни локации ширум светот, со повеќе од 400 уметници-учесници. Минатата година (2016), Gogyoshi Art Project International, беше претставен во Македонија со интернационалната групна изложба под наслов „Нашата Фукушима“ во организација на Маја Кировска и Јаготка Томовска. Во соработка со три галерии, од август 2016 година, изложбата „Нашата Фукушима“ беше прикажана во Куманово и во Скопје.

Изложбата во Кавадарци е трето претставување на проектот во Македонија, после претставувањата во Скопје и Куманово. Во моментов во Белгија, во градот Масеик, се одржува уште една изложба која е дел од овој проект, со наслов „Солидарност и надеж“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП